ВМРО-ДПМНЕ: Илјада пати повторена лага на талогот од СДС не станува вистина, мали Фрчко повторно ја загуши „бомбата’’

Мали Фрчко и талогот од СДС мислат дека ако повторат некоја лага по илјада пати, таа магично ќе стане вистина, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на прес – конференцијата на Јон Фрчкоски од СДСМ.

„Граѓаните јасно ги имаат прочитано очајните обиди на талогот од СДС, но очигледно дека Фројд работи кај нив, па еве повторно да ја загушиме „бомбата’’ на СДС. Искрено се надеваме дека овој пат СДС не користеле психотропни супстанци, затоа што лошо им делуваат во нивниот однос кон јавноста, т.е. ги тера многу на лажење, манипулирање и дезинформирање. Имено, во март минатата година беше јасно соопштено дека вредноста на првата оспорувана набавка изнесувала речиси 40 проценти помалку од планираната вредност. Со тоа биле заштедени околу еден милион денари од парите на граѓаните, а опремата била навремено и квалитетно испорачана. За постапката не била поднесена ниту една жалба. Исто така, беше јасно утврдено дека државниот секретар во Министерството за дигитална трансформација не учествувал во ниту една фаза од постапките за јавни набавки, додека министерот не учествува во подготовката на техничките спецификации, евалуацијата и изборот на економските оператори. Денеска СДС и мали Фрчко се обидуваат старата конструкција да ја надградат со нови инсинуации, засновани на некакви претпоставени поранешни деловни односи меѓу приватни лица. Но поврзувањето имиња и компании не е доказ за корупција, судир на интереси или незаконско влијание“, се вели во реакцијата.

Кога станува збор за конкретниот Систем за управување со документи – ДМС, чие одржување СДС се обидува да го претстави како афера, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, фактите се целосно спротивни од нивните конструкции.

„Од наследен и нефункционален систем, денес ДМС активно го користат повеќе од 45 институции. Тоа значи електронско, ефикасно и следливо управување со документите и предметите во институциите. Секој предмет има електронска трага и може да се следи неговото движење и постапување, наместо да остане заборавен или намерно скриен во нечија фиока. Тоа е вистинската дигитална трансформација што СДС не успеа да ја спроведе додека беше на власт. На денешната прес-конференција не беше презентиран ниту еден доказ дека некој влијаел врз условите на постапките, дека критериумите биле приспособени за одредена компанија, дека била прекршена законска одредба или дека бил извршен незаконски трансфер на средства. СДС повторно се обидува политичките претпоставки да ги претстави како пресуда“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека сите постапки во Министерството за дигитална трансформација се спроведуваат согласно законските процедури, преку Електронскиот систем за јавни набавки, од стручни комисии и со целосна документација достапна за проверка.

„Додека тие рециклираат демантирани лаги, Министерството за дигитална трансформација испорачува конкретни резултати за граѓаните. Бројот на електронски услуги е зголемен од 120 на 352, бројот на корисници од 110.000 на повеќе од 266.000, а бројот на поднесени барања од 64.000 на над 340.000. Напредокот на Македонија во дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста е потврден и во релевантни меѓународни извештаи и индекси. Токму овие резултати најмногу му пречат на СДС. Свесни се дека Министерството бележи драстичен напредок и дека од него најголема корист имаат граѓаните“, пишува во реакцијата.

Текстот ВМРО-ДПМНЕ: Илјада пати повторена лага на талогот од СДС не станува вистина, мали Фрчко повторно ја загуши „бомбата’’ е превземен од МАКФАКС.