Вклучен црвениот аларм за Себајдин од Штип и неговите четири малолетни деца

По сторијата на М-Нет телевизија за лошите услови за живот на Себајдин и Сузана кои се соседи кои живеат во катастрофални услови, пристигна и првиот хуманитарен пакет од општествено одговорна компанија. Себајдин е самохран татко на четири малолетни деца, кои живеат во една соба, спијат на под, се хранат од контејнерите. Босите нозе на четирите девојчиња и радоста на парче леб кое го добија денеска заменуваат илјадници зборови. Нивниот татко е преблагодарен за пакетот кој го подели со неговата сосетка, но додава дека црвениот аларм е вклучен и помош сега е потребна повеќе од било кога.

„Фала многу на тие кои донираа, што го испратија пакетот за моите деца, некој ден ќе прекараме со тоа. Благодарен сум многу. Ако може некако да ми се помогне, стан ми е потребен ние навистина нема каде да одеме.“ – вели Себајдин.

Колиба, шатор, барака не е важно што ќе добие само да има кров над глава и топол кревет за неговите четири деца. Но за жал тој денеска нема на што да им стопли ниту вода за чај.

Себајдин живее во една соба во близина на Мирјанина црква во Штип. Нема работа бидејќи нема кој да ги чува неговите малолетни деца. Храна бара по контејнерите и со собирање и продвавање на пластични шишиња. На ниски температури се топлат на есеноското сонце бидејќи нема на што да се грее. Единствена желба искажана со солзи во очите е нормален живот за неговите дечиња, во стандардни услови со кров над глава и парче леб.

Лаура Стојанова М-Нет