Високите температури го преполовија пазарот во Виница, купувачите излегуваат рано наутро, продавачите се ладат со шише вода

Високите дневни температури го оставија полупразен пазарот во Виница. Се пазаруваше рано наутро, за да се избегне топлотниот бран. Продавачите под чадор, со шише вода, и денеска ги нудеа своите производи на виничкиот пазар. Велат цените се реални за овој период од годината и достапни за џебот на граѓаните. Има и доволно производство, а побарувачката е релативно добра.

„Просечно, плус минус тука сме стандар некој, навикнати сме. Жешкото посебна приказна, тешко и во полето и тука. Сабајле имаше поголема раздвиженост, сега сите бегаат од жешкото. И на нас ни е тешко. Производство има, цените се реални, може и подобро ама немаат луѓето пари“ – велат продавачите.

Речиси идентично како и претходната среда, купувачите велат дека цените се без драстични промени и достапни согласно нивните примања.

„Добри се цените, жешко само многу. Оној кој има пари ќе си купе повеќе, другите купуваат помалку.“ – додаваат купувачите.

Домати, краставици, пипер, компир, како и сезонското овошје најбарани на пазарот во Виница денеска. На тезгите се нудеше и ориз, мед, ракија, како и текстил.

Лаура Стојанова М-Нет