
Утринава верниците од исламска вероисповед го почнаа рамазанскиот пост. Постот трае 30 дена и со тоа завршува на 1 мај, а по постот на 2 мај е Рамазан Бајрам, кој се прославува три дена.
Според исламот, постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и душевно прочистување. Верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување. Постењето е верска обврска за секој полнолетен, здрав муслимански верник, но не е обврзувачко болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа. За време на постот верниците од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од јадење и пиење.
Рамазан е исламски празник кој трае во текот на целиот деветти месец од исламскиот календар. Рамазан е еден од петте столба на исламот. Останатите се верата, молитвите, поклонението и давањето милостина. Тоа е месец на добрина, милост, љубов и простување. Верувањата се дека кога ќе дојде празникот, портите на рајот се отвораат, портите на пеколот се затвораат. Муслиманите сметаат дека Рамазан на секој дом му носи полни раце дарови – милост, бериќет и проштевање. Куранот вели дека Рамазан има четири димензии – духовна, морална, солидарна и здравствена.
По триесетдневниот рамазански пост, следува тридневен Рамазански бајрам, кој се смета за голем празник во исламот. Почетокт на Рамазан секоја година се поместува за 10 дена наназад, односно во престапните години за 11 дена, во однос на претходната година, поради разликата помеѓу исламскиот и грегоријанскиот календар.
Ребека Спасова М-Нет