
Граѓаните од исламска вероисповед го слават празникот Курбан бајрам. Почнувајќи од денес, па во следните четири дена муслиманите го одбележуваат празникот на жртвата на кој се принесува жртва и се дели на сиромаси. На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам, а принесувањето на жртва го изведуваат сите кои имаат можност за потоа да даваат на помалку имотните. По повод празникот честитка упати градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
„Во пресрет на верскиот празник Курбан Бајрам, би сакал да упатам искрени честитки на сите припадници на муслиманска вероисповед кои го прославуваат овој голем празник и да им посакам истиот да го поминат во добро здравје, хармонија и меѓусебно почитување. Ова е празник на солидарноста, хуманоста и грижата за најблиските. Ваквите денови нѐ потсетуваат дека меѓусебното разбирање и почитување се заеднички интерес и приоритет на сите нас. Затоа ја користам оваа можност да ги повикам сите граѓани со заеднички напори да ја градиме заедницата на цврсти темели кои се потпираат на меѓусебно разбирање и доверба.“ – стои во честиткатата на Јорданов.
Честитка по повод празникот упати и градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, кој посака радост и мир на сите муслимани.
„Во пресрет на верскиот празник Курбан Бајрам, од мое лично име и од името на општинската администрација упатувам искрени честитки до сите верници од исламската вероисповед. Овој празник не потсетува дека со помагањето едни на други го зајакнуваме меѓучовечкото разбирање, соживотот и градиме поубава иднина и општина. Ви посакувам овој голем празник да Ви донесе среќа, радост, љубов и внатрешен мир!“ – стои во честитката на Папазов.
Курбан бајрам секогаш се паѓа во ист ден според исламскиот календар, но според грегоријанскит календар датумот е различен од година во година. Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот, кој е доказ за солидарност и благосостојба.
Ребека Спасова М-Нет