
Проектот е завршен, добиени се конзерваторски дозволи и Општина Штип веќе го има распишано тендерот за поплочување на улиците во автентичен стил во штипско Ново Село. Станува збор за првата фаза од проектот „Збогатување на туристичката понуда во Источен плански регион“, а Општината веќе одвои и дополнителни средства за втората фаза со што ќе се поплочат повеќе улици и краци во населбата.
„Бараме да се донесе одлука за кофинансирање за проектот „Збогатување на туристичка понуда во Источен плански регион“. Општина Штип учествува со дел којшто се однесува на поплочување на улици во автентичен стил во населба Ново Село, Фаза 2. Во Прва фаза го аплициравме истиов проект за делот на улицата „Крсте Мисирков“ која е во фаза на тендерирање, со овој проект ќе се направи една целина, односно ќе се поплочат и останатите краци“, велат од Општина Штип.
За првата фаза беа одобрени 7,5 милиони денари од страна на Бирото за регионален развој преку Источниот плански регион и Општина Штип. Финансиската конструкција е слична и за втората фаза на проектот, во која Општината учествува со 20% од износот. Одржувањето на улиците во Ново Село ќе биде во надлежност на Општината и ЈП Стипион и влегува во плановите за одржување на улици на Јавното претпријатие секоја година.
„Вкупниот буџет на проектот за делот на општина Штип е во износ од 7.858.161 денари, од кои 80% или износ од 6.286.529 денари се средства обезбедени од Бирото за регионален развој, додека останатиот дел, односно 20% од износот или 1.571.632 денари ќе бидат кофинансирање од Буџетот на Општина Штип“, додаваат од Општината.
Согласно со проектната документација, во проектот „Збогатување на туристичка понуда во Источен плански регион“ учествуваат општините Штип, Пробиштип, Кочани, Пехчево и Берово. Освен овој, како проекти кои се предвидени за останатите општини се барски еко-систем Езерце во Пехчево, изградба на пешачко-велосипедска патека на Беровско Езеро, изградба на рекреативен комплекс со уредување на излетнички места во село Пишица, општина Пробиштип, како и изградба на мултинаменско игралиште на СРТЦ Пониква.
Ребека Спасова М-Нет