
Подготвени условите за животните во ЗОО Паркот „Бриони“ во Штип за престојната зима. Живеалиштата се прилагодуваат на дневните температури со што се овозможува животните да бидат згрижени на топло и пријатно место. Во најголем дел од живеалиштата се става сува слама која редовно се менува, а има и уреди кои служат за затоплување на објектите.
„Во почетокот на зимскиот период кој се карактеризира со доста ниски температури ние сме подготвени оваа зима да им обезбедиме топли и пријатни услови. Почнувајќи од сместувањето во самите објекти претежно од цврста градба, ставаме делеб слој на простирка која овозможува изолација, поставување квалитетна сува слама“ – вели Божиков.
Дополнително кај мајмуните има и клима уред за да им биде топло живеалиштето. Постојано се работи и на промена на водата, со цел да не замрзне и животните да останат без вода за пиење.
„Водата која на овие температури може да биде доста ладна ја менуваме доста често со цел да имаат вода која ќе биде пријатна за нив.“ – додава Божиков.
Животните во ЗОО Паркот „Бриони“ во текот на зимскиот период добиваат разновидна и балансирана храна, полна со минерали со цел да се одржи имунитетот, а редовно се и вакцинираат.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет