
Изминатиот викенд се одиграа натпреварите од 13. коло од Втората женска фудбалска лига, а најубедлива победа запиша Вардар, кој во Валандово со 0:9 славеше над Победа Валандово.
Очекувана беше оваа висока победа за фаворитот, кој до истата стигна преку трите гола на Теодора Јанковска, двата гола на Мила Наумовска, и погодците на Ѓеровска, Карпузовска, Сточевска и Головска.
Лидерот Атлетико во Битола на домашен терен со високи 6:0 славеше над Кочани. Марковска беше двоен стрелец, а по еден гол во Битола постигнаа Талевска, Велјавноска, како и Мелица Милица Димитриоска и Сара Слободанка Димитриоска.
Во Македонски Брод поделба на бодовите меѓу Порече и Билјанини Извори кои одиграа 1:1, а гостинот од Охрид до овој бод дојде во финишот од мечот.
Во првиот дел мрежите мируваа, а во вториот дел Ангела Веселиноска постигна гол за 1:0, додека пак Тамара Лазеска во 90. минута постигна гол за конечни 1:1.
Плачковица на домашен терен загуби од Борец со 1:2, а сите три гола беа постигнати во вториот дл. Домашниот тим преку Розета Ташкова во 65. минута постигна гол за 1:0, а потоа гостинот од Велес направи комплетен пресврт на резултатот за победа од конечни 1:2 со двата гола на Сара Јовевска.
Лидер на табелата останува Атлетико со 39 бодови, на второто место е Вардар со 36 бодови, Плачковица од Радовиш е трета со 20 бодови, а на 4. место е Кочани со 19 бодови.
Билјанини Извори е на 5. место со 13 бодови, Борец е шести со 10 бодови, Победа Валандово е седма со осум бодови, а на дното е Порече со седум бодови.
Александар Ванев, М-Нет