„До нас стигнаа информации дека вработените во МКЦ се принудени да работат без греење, поради дефект на вентилот од парната инсталација. Според информациите со кои располагаме, додека вентилот не се сервисира или замени, МКЦ нема да има греење. Вработените за проблемот се обратиле и до раководството на МКЦ и до Град Скопје, но наместо решение – добиле молк“, велат од партијата Левица.
„Институцијата која некогаш располагала со буџет од околу 30 милиони денари, денес функционира со околу 6 милиони денари. А и средствата што ги добива МКЦ се предмет на извршителски постапки и се одземаат, оставајќи ја институцијата без средства дури и за најосновните потреби. Денес МКЦ нема ниту греење, ниту функционални тоалети, а институцијата е оставена да се снаоѓа со минимални средства. Па затоа дојдовме до апсурдот МКЦ да нема пари ни за да си го поправи греењето.
А апсурдот да биде уште поголем – дури и функционерите на ДПМНЕ седеа во студеното МКЦ. На свеченото отворање на филмскиот фестивал Киненова во кино „Фросина“ присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска. Значи, проблемот не е невидлив. Го чувствуваа и тие. Седеа во ладното, си заминаа, а МКЦ и вработените повторно останаа со истиот проблем.
И затоа прашуваме: каде е градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски? Каде е Град Скопје кога една од најважните културни институции во градот е доведена до состојба да нема средства ни за основно одржување? Наместо да се остава да се распаѓа финансиски, Град Скопје мора да обезбеди стабилно финансирање и нормални, човечки услови за работа“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Текстот Левица Град Скопје: ДПМНЕ ги остава вработените во МКЦ да работат без греење, без функционални тоалети и без основни услови за работа е превземен од МАКФАКС.