
Кошаркарките на Вардар остварија важна победа на гостински терен, совладувајќи го актуелниот шампион Баскет Кам со 53:43, со што повторно се вклучија во борбата за првото место на табелата во Првата лига.
Клучна за триумфот на „вардарки“ беше третата четвртина, во која направија серија од 17:5 и го скршија отпорот на домаќинот. По израмнетото прво полувреме (22:22), скопската екипа успеа да се одвои на двоцифрена разлика и сигурно да ја задржи предноста до крајот на натпреварот.
Најефикасна во победничкиот тим беше Тасевска со 16 поени и шест скока, додека М. Николиќ имаше одличен учинок со 11 поени и дури 16 скока. Кај Баскет Кам, Димова постигна 13 поени, Адамовска додаде 10, а Кметовска оствари двоен учинок од 10 поени и 17 скока.
Во вториот натпревар од колото, Крива Паланка беше подобра од Пробаскет со 63:52. Домашната екипа водеше во текот на целиот натпревар и со сигурна игра во финишот ја потврди победата, со која се изедначи на табелата со Баскет Кам.
Најефикасна кај победникот беше Ниехуес со 19 поени и 13 скока, додека капитенот Алексовска додаде 18 поени, а Робинсон придонесе со 13 поени и девет скока. Во редовите на Пробаскет, Томас запиша 18 поени и 12 скока, а Јовановиќ постигна 14 поени.
Со овие резултати, борбата за врвот останува неизвесна, а завршницата од првиот дел од сезоната најавува уште поинтересни натпревари.