Вардар преку Брегалница побегна од дното, Кехинде е херој за Гостивар, Брера пресилна за „лавовите“

фото: М Нет-ТВ

Денес со пет натпревари беше комплетирано 20. коло од Првата македонска фудбалска лига. Фудбалерите на Вардар запишаа важен триумф над штипска Брегалница и побегнаа од дното на табелата. Вардар предводен од Михаилов брзо дојде до предност од 2:0 на стартот од мечот, а потоа одигра само на рутина и ја задржа предност во односно на конкурентот од Штип во борбата за опстанок.

Марјан Алтипармаковски од пенал во 22. минута погоди за 1:0, а три минути подоцна Дарко Глишиќ ги постави конечните 2:0.

Тиквеш на домашен терен дојде до седмиот сезонски триумф, откако со 2:0 беше сигурен против Работнички. Со овој триумф кавадарчани се искачија на седмото место пред Работнички кој сега е осми на табелата.

Домашниот тим предводен од Ѓорѓи Мојсов преку Роберто Менезес Бандерира Нето уште во 17. минута стигна до водство од 1:0 резултат со кој се замина и на полувреме. Во второто полувреме Кристијан Стојкоски ги постави конечните 2:0 во 52. минута.

Во финишот на мечот Даниел Мојсов заработи два жолти картони со што беше исклучен од игра.

На „Билјанини Извори“ во Охрид екипите на Воска Спорт и Силекс одиграа реми без погодоци (0:0) и ги поделија бодовите. Срѓан Захариевски со реми дебитираше како нов тренер на клупата на Воска Спорт.

Брера Струмица на „Кукуш“ во Турново со убедливи 3:0 го декласираше составот на Македонија ЃП, со што „лавовите“ сега ќе се на дното од табелата.

Матеј Цветаноски по само четири минути игра постигна гол за рано водство на струмичани од 1:0. По осум минути игра Даниел Миловановиќ погоди за 2:0. Пред крајот на првиот дел Ѓорѓе Ивковиќ беше стрелец на третиот гол за Брера и за конечни 3:0.

Во вториот дел само на рутина одигра Брера и запиша важен триумф со што направи прогрес на табелата. На стартот од второто полувреме Стефан Наумчески заработи директен црвен картон.

Во дербито меѓу Шкендија и Гостивар двете екипи ги поделија бодовите играјќи 2:2. Шкендија имаше водство со двата гола на Аденис Шала, откако најпрво стрелаше во 37. минута за 1:0 на полувреме, а во вториот дел погоди за 2:0 во 69. минута.

Во финишот на мечот Гостивар постигна два гола за конечни 2:2 и поделба на бодовите. Кехинде во 86. минута најпрво погоди за 2:1, а во 91. минута Кехинде со втор гол ја го шокираше домашниот тим за конечни 2:2.

Како што објави вчера телевизија М Нет Струга Трим Лум и Шкупи ги поделија бодовите играјќи 2:2.

Во однос на табелата лидер и понатаму останува Шкупи со 42 бодови, шампионот Струга е втор со 41 бод, Шкендија е трета со 39 бодови. На 4. место е Силекс со 28 бодови, Брера сега се искачи на 5. место со 26 бодови, колку што има и Гостивар кој е шести, Тиквеш е седми со 25 бодови, Работнички сега се спушти на осмото место со 24 бодови.

Воска Спорт е на деветтото место со 21 бод, колку што има и Вардар кој е на десетто место односно во бараж зоната. Во зоната за директно испаѓање е Брегалница како претпоследна со 20 бодови, а на дното е Македонија ЃП со 18 бодови.

Александар Ванев, М-Нет