
Утре екипата на Вардар на Градскиот стадион во Неготино популарен како „Цвај Арена“ ќе се соочи со екипата на Охрид во рамки на 19. коло од Втората македонска фудбалска лига.
Овој натпревар ќе биде од хуманитарен карактер, сите собрани средства од продадените влезници по цена од 100 денари ќе бидат донирани за хумани цели за Јани Иванов.
Дополнително, од Вардар Неготино информираа дека дресот со број 14 го ставаат на лицитација за хумани цели за Јани Иванов, почетната цена е 3000 денари, лицитацијата ќе се затвори заклучно со крајот на натпреварот, односно вторник во 16 часот. Секој кој сака да учествува во лицитацијата за купување на дресот на Вардар Неготино со број 14 може да го стори во коментар на официјалната фејсбук страница на Вардар Неготино.
Утре во Неготино ќе се одигра меч за петтото место на табелата во Втората лига, Вардар Неготино ќе атакува на четири од четири и прогрес на табелата, а Охрид е пред предизвик за трите бодови на тешкото гостување.
Дресот со број 14 е на Марјанчо Илов, фудбалерот кој постигна гол во пенал серијата во баражот за влез на Вардар Неготино во Втора лига. Овој дрес Илов го фрли во публиката по големата победа над Новаци, а верниот навивач кој го фати тој дрес сега истиот преку лицитација го продава за хумани цели.
Александар Ванев, М-Нет