Вардар е на чекор од титула, ќе има борба за второто место, Радовиш без бодови веќе се одјавува од Суперлигата

ФОТО: Александар Ванев

Синоќа беше комплетирано 3. коло на плеј-офот на Супер лигата со одложениот меч меѓу Вардар и Охрид, а кој заврши со триумф за скопскиот тим од 31:21. Охриѓани на овој меч настапија во комбиниран состав бидејќи чуваат сили за саботното соочување со Олимпијакос од ЕХФ Европскиот Куп, а каде „гладијаторите“ се многу блиску до пласман во полуфиналето.

Претходно, Алкалоид со 40:25 го доби Тиквеш, а пак Еурофарм Пелистер со 25:41 славеше над Бутел.

Во однос на табелата Вардар е лидер со 48 бодови, втор е шампионот Еурофарм Пелистер со 42 бодови, а пак Охрид е трет со 40 бодови. На четвртото место е Алклаоид со 37 бодови, Тиквеш е петти со 24 бодови, на дното е Бутел со 11 бодови.

Во плеј-аутот Радовиш беше блиску до први бодови, но немаше среќа откако Пролет беше подобар со 17:19, Струга беше надиграна во целост и загуби од Прилеп со 25:31, а пак Kуманово со 31:29 славеше важна победа над Еурофарм Пелистер 2.

Лидер во плеј-аутот е Прилеп со 26 бодови, втор е Еурофарм Пелистер 2 со 23 бодови, Пролет е трет со 19 бодови, а пак Куманово четврти со 11 бодови. Извесно ќе биде Струга да игра бараж за опстанок која е петта со седум бодови, а на дното без бодови е Радовиш, а тимот веќе се одјавува од Суперлигата и се сели во Првата лига за следна сезона.

Александар Ванев, М-Нет