
Екипата на Вардарски по 27 години се врати во Втората македонска фудбалска лига, откако стана шампион во Трета лига – Исток, а потоа во баражот со 3:2 славеше над шампионот на Трета лига – Југозапад екипата на Кораб од Дебар.
Вардарски успешно ги започна подготовките за новата сезона, тимот ќе се засилува во сите линии за новата сезона со цел во првата сезона како повратник во Втората лига да се избори за опстанок. Второлигашот од Богданци веќе одигра и два пријателски натпревари, и истите ги доби, па на стартот од подготовките има два од два.
На првиот меч Вардарски со 2:0 славеше над повратникот Борец од Велес со погодоците на Илија Баламов и Славе Танов, а на вториот меч Вардарски славеше над Вардар Неготино со 3:4. Стрелци за Вардарски на овој тест меч беа Терзиев, Бејков, Стојков и Зајков.
До крајот на подготовките Вардарски ќе одигра уште четири пријателски натпревари. Веќе во сабота Вардарски ќе тестира со Беласица, на 27. јули со Детонит Плачковица, за на 31. јули е закажан тест со третолигашот Слога од Виница, а на 10. август е закажана „генералката“ со Осогово од Кочани.
Во новата сезона од Втората лига екипата на Вардарски ќе биде предводена од Васе Беќаров.
Александар Ванев, М-Нет