Варадиновски за М Нет: Жалам за првиот недобиен натпревар на домашен терен, баражот е пореална опција!

фото: М Нет-ТВ

Прилепска Победа е првиот тим кој постигна гол во Радовиш оваа сезона и освои, откако ланскиот прволигаш одигра 1:1 на Градскиот стадион во Радовиш против Детонит Плачковица и откина два бода од фаворитот.

Тука многу фаворити паднаа сезонава, но младите играчи на Победа беа првите кои стигнаа до тој златен бод за нив во тешката борба за опстанок која ја води екс прволигаш.

По завршувањето на мечот кој можевте да го следите на спортскиот канал М Нет Спорт, изјава за телевизија М Нет даде тренерот на Детонит Плачковица, Иван Варадиновски, кој вели дека баражот е пореална опција, а притоа додава дека жали за првиот не добиен натпревар на домашен терен.

„Искрено се надевавме дека можеме преку директен пласман да се бориме до крај за влез во Првата лига, меѓутоа баражот секогаш беше пореална опција. Жалам за првиот не добиен натпревар на домашен терен, но се уште имаме предност пред другите конкуренти и ќе се обидеме со сите сили да не ја пропуштиме оваа прилика. Им честитам на моите играчи за
желбата која ја имаа до крај за да го добиеме овој натпревар“, рече Варадиновски во изјава за телевизија М Нет.

Детонит Плачковица е на третото место со 46 бодови на своето конто, место кое води во баражот за Прва лига, додека пак Победа е на 13. место со 23 бодови.

Во следното коло радовишани ќе имаат незгодно гостување во Кочани против Осогово, кој грчевито се бори за опстанок.