
Дел од детските реквизити веќе ги нема, друг дел се оштетени – мета на вандализам веќе неколку дена е дворот на детската градинка во Ново Село. Директорката Ангеличкова вели дека се обиделе да го спречат со тоа што веќе испратиле апел, како до јавноста, така и лично до родителите на децата кои живеат во оваа штипска населба. Меѓутоа, уништувањето продолжило и минатата вечер.
„За жал, последните неколку дена се соочуваме со невиден вандализам, односно кршење, насилно уништување покрај детските играчки, расфрлување на несоодветен отпад во дворовите. Верувајте, пуштивме еден апел на нашата „фб-страница“ со којшто поставивме слики, контактиравме со дел од родителите чиишто деца имавме информации дека многу често навечер се присутни овде. Меѓутоа, и покрај пуштениот апел, да ги чуваме детските реквизити исто како да се во нашите дворови, утрово се соочивме со уште понемил настан. Ова беше грда слика за нас, но, верувајте, уште повеќе за родителите кои наутро ги донесуваат дечињата“, истакна Ангеличкова.
Дворот на клонот „Росица“, кој е во рамки на градинката „Вера Циривири – Трена“, е постојано отворен за јавно користење на сите граѓани. Макар и да се обидат да го затворат, директорката стравува дека ќе биде уништена оградата. Наместо да се купуваат нови работи за детските простории, сега ќе треба средствата да се пренаменат за обнова на уништените дворови.
„Овој двор со години наназад не е бил затворен со катанец, вратите не биле затворени, меѓутоа ќе се соочиме со потребата да го затвориме, но имаме еден страв дека би ни ја уништиле и детската ограда којашто е нова, пред неколку месеца. Затоа, апелирам да ги чуваме работите исто како да се во нашиот двор, бидејќи со тоа се соочуваме со непотребен финансиски трошок“, истакна Ангеличкова.
Директорката Ангеличкова посочува дека покрај внатрешниот простор, дел од програмата за воспитно-згрижувачка дејност се и дворовите на градинките. Летните и слободните активности согласно со препораките од МТСП треба да бидат реализирани надвор, поради што е задолжително да се обезбедат детски ревизити.
Ребека Спасова М-Нет