Вакциналните пунктови работат и во сабота, вчера вакцинирани над 17 илјади граѓани

За вакцина во Штип можевте да се упатите и денес во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“, бидејќи истиот беше отворен за заинтересираните граѓани од 7:30 до 14:30 часот. Поради зголемената заинтересираност на граѓаните веќе неколку саботи по ред се работни за медицинскиот персонал.

„Вакцинацијата во Здравствениот дом Штип се одвива секој ден со несмалено темпо. Интересот е речиси идентичен секој ден, од 300 – 320 граѓани кои се јавуваат за прва доза, а си тече и ревакцинацијата“, посочи координаторката за вакцинација, Дијана Коцева – Миланова.

Поради ваквата заинтересираност работат и други пунктови во државата, а отворени се и нови, па вакцинацијата се одвива непречено.

Во текот на вчерашниот ден вкупно се вакцинирале 17.099 граѓани, од нив дури 13.398 примиле прва доза вакцина.

Министерот за здравство, Венко Филипче, е со постојан апел до граѓаните за да се одлучат на вакцинација.

„Многу мал број на луѓе коишто се целосно вакцинирани заболуваат, во промили се бројат, 0,002 според нашите последни пресметки. Тоа што е битно дека вакцината за 20 пати го намалува ризикот од смртен исход од болеста“, истакна Филипче.

Досега на територија на цела држава вкупно се аплицирани 1.152.274 дози вакцини, а ревакцинирани се 499.934.

Ребека Спасова МНет