Брера и Пелистер во дерби за опстанок, Вардар го пречекува Тиквеш, Работнички против „лавовите“

29-та рунда на Првата македонска фудбалска лига носи неколку клучни натпревари кога е во прашање опстанокто во Првата лига. Најлесна задача треба да има Арсими, кој на домашен терен ќе го пречека „фенерџијата“ Шкупи, освојувањето на овие три бодови за дебитантот ќе биде голем плус во трката за опстанок.

Дерби за опстанок ќе играат Македонија ЃП и Работнички со голем притисок и за двете екипи. Ако „лавовите“ го загубат овој натпревар ќе значи дека од следната сезона ќе се преселат во Втората лига и по една сезона одново ќе бидат во второлигашкото друштво. Триумф за „романтичарите“ ќе значи продолжување на трката дури и за директен опстанок.

Сличен меч се очекува и во Струмица каде Брера која остана без тренер ќе игра против Пелистер во клучен меч и за двете екипи за опстанок. Ако трите бодови останат дома тогаш Брера ќе биде во добра позиција за директен опстанок, ако загуби тогаш ќе влезе во комплицирана борба за опстанок. Од друга страна Пелистер сака три бодови и да врзе две победи, па во такви околности ќе го сочува деветтото место односно ќе биде во бараж зоната, но бодовно ќе биде блиску до зоната за директен опстанок.

Вардар на домашен терен ќе игра против Тиквеш каде само три бодови се опција за лидерот со цел да го сочува првото место бидејќи има само бод повеќе од второпласираната Шкендија, актуелниот шампион на домашен терен ќе игра против Башкими.

Тетовци сакаат три бодови, како и вардарци – трката за шампионската титула е сведена на овие две екипи.

Струга на домашен терен ќе игра дерби меч со Силекс, каде стружани ќе го барат својот 19-ти сезонски триумф за потврда на третото место, а Силекс ако стигне до славје покрај Езерото тогаш ќе може да се надева и на трета позиција.

Александар Ванев, М-Нет