
Се здружија Велигденскиот и фудбалскиот празник во Штип за големо славје и враќањето на Брегалница во Првата Македонска фудбалска лига. Иако е потребен само еден единствен бод за официјална промоција, во Брегалница сите се залагаат и со нова победа против Кожув официјално да го заверат првото место а со тоа да го најават и да го прослават големиот јубилеј 100 години од формирањето на клубот. Празните трибини немо ќе сведочат за отсуството на Фалангата, на Ултра Банда на сите штипски фудбалски фанатици кои ја милуваат Брегалница, но тука е нашата Мнет телевизија која во домовите на штипјани со директен пренос на нашата програма и на каналот Мнет Спорт ќе ви ја долови атмосферата на „градски“ и од овој толку очекуван празничен натпревар. Веќе се делегирани и официјалните лица за овој натпревар, главен судија ќе биде Боби Величков на кого ќе му помагаат Петар Новачев и Александар Ајдаров од Велес а четврти судија ќе биде Ивана Пројковска од Скопје. За Конролор е делегиран Драган Ристовски од Куманово а Делегат ќе биде Тихо Чурлинов од Гевгелија.Еве ги комплетните двојки за ова 25 коло:
- Каменица Саса – Плачковица
- Победа – Росоман
- Слога – Осогово
- Брегалница – Кожув
- Тиквеш – Кит Го Пехчево
Сите натпревари ќе се одиграат во сабота 1 мај 2021 г. со почеток во 13.00 часоt без присуство на публика.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk