
Брегалница го доби трилерот со Арсими, „сините“ беа подобри со 3:4 во Гостивар за четврта сезонска победа и тоа по вторпат сезонава против тимот од Чегране, во мечот од 11. коло на Прва лига.
Ваквиот триумф за тимот на Мијалче Прошев е враќање на победите по двата порази и освојување на три златни бода од конкуренти околу трката за директен опстанок.
Натпреварот понуди дури седум погодоци со Каба во 22. минута донесе предност за домашниот тим, а до крајот на првиот дел Коцев и Глигоров обезбедија 1:2 на полувреме.
Стартот од второто полувреме донесе трет гол за Брегалница кога Велкоски погоди во 52. минута од средбата, но Арсими брзо го израмни резултатот. Гони во 59. минута намали на 2:3, а само пет минути подоцна Рамадани погоди за 3:3.
Во судиското надополнување Оское успеа да ја стресе мрежата на противникот за конечни 3:4 со што се покажа како златна резерва од клупата и донесе златни три бода за Брегалница.
Тиквеш стигна до уште една победа на домашен терен со 3:1 го доби Башкими. За кавадарчани ова е петтата сезонска победа, а пак Башкими го запиша осмиот сезонски пораз.
Дербито во Гостивар меѓу Шкендија и Вардар заврши без погодоци за делба на бодовите (0:0), а најмногу од оваа доби Струга Трим Лум, која со 4:0 го декласираше Скопје.
Силекс влезе во победнички ритам совладувајќи ја Шкендија Арачиново на домашен терен со 2:0, со што дебитантот сега е во резултатска криза.
На првото место е Шкендија и натаму со 24 бодови, Струга е втора со 23 бодови, а пак Вардар е трет со 21 бод. Тиквеш е на четвртото место со четири бодови помалку од првото место. Силекс изби на петтото место со 16 бодови, Шкендија Арачиново се спушти на шестото и на своето конто има 14 бодови, а пак Брегалница ги следи овие две екипи како седма со 13 бодови.
Во бараж зоната како осми е Арсими со десет бодови, во зоната за директно испаѓање Башкими како претпоследен со седум бодови и на дното е Скопје со три бодови.
Александар Ванев, М-Нет