Осогово за првпат се израдува на победа, на врвот нема промени, трката за опстанок во Втора лига се „разгорува“

Екипата на Осогово ја забележа првата сезонска победа и фаќа сериозен приклучок до крајот на есенскиот дел да може за првпат да излезе и од опасната зона, а трите бодови од дуелот со Брера кој „жетварите“ го добија со 3:1 се повеќе од важни во борбата за опстанок во Втората лига на тимот од Кочани.

Новиот тренер Спирко Златков ја донесе првата радост за Осогово, иако тимот останува на претпоследното место, но сега има шест бода и веќе уште во следното коло ако забележа уште една победа би можел да излезе од опасната зона.

Охрид го доби дербито со Работнички со минимални 1:0 со што нема промени на врвот од табелата, откако и Пелистер со 0:2 славеше над Новаци.

Реми имаше и во Гевгелија каде Кожуф и Тетекс одиграа 2:2, а реми без голови имаше и во Радовиш откако Детонит Плачковица и Еуромилк ГЛ одиграа 0:0.

Деветтото коло донесе реми и во Струмица меѓу Беласица и Македонија ЃП двете екипи одиграа 1:1, додека пак Камјани со 0:2 го доби Шкупи.

Охрид по девет кола е на врвот со 22 бодови и зависи сам од себе дали ќе биде есенски шампион, Пелистер е втор со 21 бод, а пак Работнички е на третото место со 18 бодови, а Брера е четврта со 15 бодови, со тоа што овие две екипи имаат меч помалку.

Камјани изби на петтото место со 14 бодови, а пак Тетекс и Беласица го делат шестото место со по 13 бодови.

На осмото место е Македонија ЃП со 11 бодови, Кожуф е деветти со десет бодови, а Детонит Плачковица го држи десеттото место со девет бода. Новаци е на 11-тото место со осум бодови.

Во зоната за испаѓање Еуромилк со седум бодови како 12-ти, Осогово е претпоследен со шест бода, на дното е Шкупи без бодови.

Александар Ванев, М-Нет