
Утре ќе биде одиграно последното 33. коло од Првата македонска фудбалска лига со што ќе остане истата да се комплетира со бараж натпреварот меѓу Вардар и Детонит Плачковица.
Брегалница утре на Градскиот стадион во Штип, пред домашната публика и верната „Фаланга“ ќе се збогува од Првата лига. „Сините“ кои испаднаа во Втора лига пред две кола, на Градски ќе играат против Силекс и тоа за нив ќе биде последен натпревар како прволигаши, а Брегалница ќе треба да прави план како да експресно да се врати во елитата.
Брера Струмица на домашен терен ќе го пречека тимот на Македонија ЃП, „лавовите“ како и штипските „сини“ веќе се отпаднати во Втората лига.
Работнички на домашен терен ќе го одигра дуелот против тетовска Шкендија, а дербито на колото го играат веќе старо-новиот шампион Струга и Шкупи.
Вардар на домашен терен ќе игра против Тиквеш, но „вардарци“ веќе со мислите се на баражот против Детонит Плачковица и на тоа дека ќе треба преку тој натпревар да го бараат опстанокот.
Воска Спорт на домашен терен против Гостивар ќе ја заврши сезоната и ќе се фокусирана на финалето од Купот на Македонија против Тиквеш.
Сите натпревари ќе се одиграат утре со почеток од 17 часот.
Александар Ванев, М-Нет