
Градскиот стадион „Билјанини извори“ во Охрид беше бериќетен за играчите на Брегалница кои успеаја да ја победат симпатичната екипа на второлигашот Воска Спорт и да обезбедат пласман за осмина-финалните куп натпревари. Исклучително пријатна беше атмосферата кај играчите и раководството на Брегалница кои несакајќи ништо да остават на случајноста се решија за карантин во хотелот Климетица. Секогаш куп – натпреварите се можност и прилика за изненадување и релаксираната атмосфера ден пред натпреварот мина во заедничка дружба и со посета на некои знаменитости по Охрид кои беа и мотивирачки фактор за конечниот успех на Брегалница. Стадионот Билјанини извори со својата убавина и техничка подготвеност пред се на теренот беше додатен мотив за играчите на Брегалница. Уште во почетната фаза на натпреварот Брегалница изведе брза акција во која учествуваа Бобан Ѓоргиев и Наумче Бакрачевски кој пак идеално асистираше за Дарко Додев а овој во полн трк со прецизен удар ја затресе мрежата на немоќниот голман Филип Лазаревски за водство на Брегалница од 1:0. Стрелецот на голот Дарко Додев во 14 м. изведе корнер за Брегалница, на високота топка натрча Антонио Азиновиќ силно шутираше со глава, но стативата беше сојузник на домакините и резултатот остана 1:0 . Во 43 м. играчите на Воска Спорт по една грешка на гостите пропуштија шанса за израмнување. Имено Тони Мирчевски упати идеален центаршут кон голот на Брегалница а Михајло Јакимовски кој беше во сендвич со Стефан Коцев и Јован Манев упати силен волеј удар, голманот Денковски беше немоќен, но стативата му беше сојузник и тоа беше опомена за Брегалница да внимава во одбраната на голот. Со еден збор Брегалница одигра одлично прво полувреме, имаше повеќе посед на топката, со безброј контранапади од кои реализираше само еден.
Во вториот дел тренерите на обете екипи направија голем број на замени и некако се поремети ритамот на играта. Се чини дека домакините привидно беа за нијанса по агилни, иако Брегалница опасно се закануваше. Во 49 м. нов корнер за Брегалница топката некако дојде до Антонио Азиновиќ кој пак од свртување биеше ненадејно кон голот, а голманот Филип Лазаревски со крајни напори боксуваше и го спаси неговиот гол. Во 73 м. голманот Давид Денковски спаси сигурен гол откако Енис Дервиши се реши на силен удар од огромна далечина. Младиот репрезентативен голман на Брегалница се испружи колку е долг и успеа да одбрани, на одбиената топка натрча Михајло Јакимовски по што следуваше уште една храбра одбрана на Денковски исфрлајќи ја топката која отиде во корнер. Слободно можеме да кажеме дека Давид Денковски беше јунак на овој натпревар. До крајот на натпреварот се водеше жестока борба на средината на теренот, Брегалница на неколку пати се обиде да ја потврди победата, но особено Милан Џокиќ налетуваше на офсајд замки. Се на се видовме интересен, возбудлив натпревар во кој играчите на Брегалница со своето искуство не дозволија изненадување и стигнаа до драгоцена победа која ја води во понатамошните осмина – финални куп натпревари. Судиската четворка на чело со Дејан Јакимовски одлично го водеше овој пред се фер и коректен натпревар за што честитки заслужуваат и актерите на теренот од двета екипи.Еве ги комлетните резултати од 1/16 финалните куп – натпревари.
- Воска Спорт – БРЕГАЛНИЦА 0:1
- Детонит – МАКЕДОНИЈА ЃП 0:3
- Победа – ВАРДАР 1:1 на пенали подобар Вардар
- Беса – СКОПЈЕ 1:1 на пенали подобар Скопје
- Локомотива – ОХРИД 0:2
- Гостивар – РЕНОВА 0:4
- Љуботен – ПЕЛИСТЕР 0:9
- Кораб – БЕЛАСИЦА 1:2
- Слога – РАБОТНИЧКИ 0:3
- Новаци – ТИКВЕШ 0:2
- Каменица Саса – СТРУГА ТЛ 0:2
Средбите Кит Го – Шкендија;Њу Старс – Борец и Велешта – Шкупи ќе се одиграат во среда на 22 септември 2021 оваа година. Силекс и Академија Пандев како минатогодишни финалисти директно одат во 1/8 финалето.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk