Брегалница на тешко гостување кај Шкендија, Брера против Работнички, езерско дерби во Струга

ФОТО: М Нет телевизија

Овој викенд ќе се одиграат натпреварите од 25. коло од Првата македонска фудбалска лига. Штипска Брегланица ќе има повеќе од тешко гостување во Тетово кај Шкендија. Дуел на две екипи на кои трите бодови им се од капитална важност. Шкендија сака три бода за титула и излез во Европа, а Брегалница за опстанок. Дефинитивно во Тетово фаворит за трите бодови ќе биде Шкендија.

Во Кавадарци ќе се одигра дерби за четврото место меѓу Тиквеш и Силекс, а дерби од средишниот дел на табелата и за прогрес кон горниот дел на табелата ќе се одигра на „Кукуш“ во Турново меѓу Брера Струмица и Работнички.

Гостивар на домашен терен како голем фаворит ќе ја пречека Македонија ЃП, екипа која е на дното од табелата, а пак Струга и Воска Спорт ќе играат езерско дерби.

На Чаир ќе се одигра скопската пресметка меѓу Шкупи и Вардар, дерби меч на кој трите бодови се важни и за двете екипи. Шкупи е втор со 48 бодови и има негатива од три бода во однос на Струга, па за „гулабите“ императив ќе биде освојувањето на целиот плен, а од друга страна Вардар сака три бодови со цел да излезе од бараж зоната.

Александар Ванев, М-Нет