Брегалница на тешко гостување кај лидерот и шампион Струга, скопска пресметка на Работнички и Вардар

ФОТО: Телевизија М Нет

Овој викенд ќе бидат одиграни натпреварите од 27. коло од Првата македонска фудбалска лига. Колото ќе биде отворено во сабота со три натпревари, а ќе се комплетира во недела со останатите три натпревари.

На „Кукуш“ во Турново ќе се соочат Брера Струмица и Воска Спорт од Охрид во меч каде трите бодовите се од капитална важност и за двете екипи кои се борат за опстанок во фудбалската „елита“. Струмичани се во средишниот дел на табелата односно на седмото место со 30 бодови, само два повеќе од бараж зоната, а токму во бараж зоната со 28 бодови е Воска Спорт. Ова ќе биде дерби дуел за бегство од опасната зона.

Дерби за четвртото место ќе играат екипите на Гостивар и Тиквеш. Гостивар на последите пет натпревари нема триумф, односно скорот е четири ремија и еден пораз, а пак Тиквеш е со скор од три победи, едно реми и еден пораз.

Во недела актуелниот лидер и шампион Струга на домашен терен ќе се соочи со штипска Брегалница во меч каде апсолутен фаворит за трите бодови ќе биде екипата на Шпетим Дуро. Сепак, Брегалница со новиот тренер Трајче Сенев во претходното коло триумфираше над Шкупи, и освои важни три бодови во тешката битка за опстанок, па тоа за Струга е опасен знак дека Брегалница ќе биде незгоден противник.

Штипските „сини“ се подготвуваат максимално за овој натпревар, а како што најави ексклузивно телевизија М Нет, екипата на Брегалница во сабота замина во карантин покрај Охридското Езеро со цел максимално подготвена да влезе во мечот со лидерот и шампион Струга Трим Лум.

На Чаир ќе се соочат Шкупи и Македонија ЃП во скопското соочување каде трите бодови се важни и за едните и за другите. Шкупи сака три бодови за титула, „лавовите“ за опстанок. Шкупи загуби од Брегалница во Штип во претходното коло, но по поразот се извини кон навивачите, но сега покрај извинување ќе треба и три бодови.

Скопската пресметка на Арената „Тодор Проески“ ја играат Работнички и Вардар каде трите бодови се од капитална важност во битката за опстанок во Првата лига. Верните „Комити“ најавуваат инвазија, поддршката за Вардар ќе доаѓа од сите страни, од секаде во еден глас ќе се навива за најтрофејниот клуб, а Работнички кој направи тренерска промена ќе мора да извлече три бодови, бидејќи ќе се соочи со многу комплицирана борба за опстанок.

Шкендија на домашен терен ќе мора да забележи триумф над Силекс ако сака сериозно да напаѓа за титула и излез во Европа. Гостинот од Кратово доаѓа без резултатски притосок, па тоа може да биде и мала предност за нив, бидејќи психолошкиот притисок ќе биде кај домаќинот.

Александар Ванев, М-Нет