Брегалница за утре ја закажа првата прес-конференција, „сините“ од Штип добиваат нова управа и нов стручен штаб

Второлигаш Брегалница за утре (среда) ја закажа првата прес-конференција која ќе се одржи во просториите на Градскиот стадион во Штип, а на која ќе биде претставена новата управа и новиот стручен штаб.

Клубот ќе има комплетно нов лик, а на првата прес-конференција ќе биде претставено новото раководство на клубот. Како што дознаваме искусниот стратег од Штип, Влатко Костов ќе седне на тренерското столче и ќе го води клубот во новата сезона.

Со доаѓањето на искусниот Костов повеќе од јасно е дека Брегалница ќе се движи во насока за враќање во Првата македонска фудбалска лига. На утрешната прес-конференција ќе бидат претставени плановите и амбициите на клубот во иднина, а ќе се претстави и новиот ростер на играчи.

Како што дознаваме веќе се водат преговори и ќе бидат ангажирани искусни фудбалери со што квалитетот во тимот ќе се зголеми значително.

Исто така ќе бидат претставени и сите планови околу функционирањето на клубот и планираните соработки со општината и приватниот сектор.

Утре треба да биде претставен и планот за подготовки и одигрување на пријателски натпревари за темпирање на формата.

Во текот на вчерашниот ден на македонската берза е продаден 51% од клубот во вредност од 9.250.176 денари или околу 150.000 евра.

Новата сезона во Втората лига започнува на 23 август.

Александар Ванев, М-Нет