Брегалница загуби од Шкупи на Чаир, Силекс дефанзивно перфектен за бод во Тетово, Струга осамена на врвот!

Брегалница на тешкото гостување на Чаир загуби од актуелниот шампион со 3:0 во рамки на вонредното 29. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Втор пораз во низа за штипските „сини“, кои во претходното коло во Штип беа поразени од Шкендија со минимални 1:0. Шкупи на денешниот меч ја имаше улогата на фаворит, и истата беше оправдата.

Двоен стрелец беше Сандеј, кој во 17. минута ја погоди мрежата на Денковски за 1:0 на полувреме. Во вториот дел Сандеј со втор гол обезбеди двојна предност за домашниот тим кој беше пред триумф, а Алварез во 75. минута стави печат на сигурна и висока победа за „гулабите“.

Дербито во Тетово помеѓу Шкендија и Силекс заврши без победник и без погодоци (0:0) со што двете екипи ги поделија бодовите. Пресметката во Тетово тргна во знакот на тактично надмудрување на Ќатип Османи и Горазд Михајлов, Силекс беше посконцентриран на дефанзивниот дел и тоа се покажа како одлична тактика на гостите од Кратово, бидејќи Шкендија не успеа во својата намера да го скрши отпорот на Силекс, па така, мреѓите во Тетово остана чисти, а Шкендија испушти важни бодови во трката за титулата.

Академија Пандев со 2:0 на домашен терен ја добија Победа и со тоа направија огромен чекор кон опстанокот во елитата. Во вториот дел прилепчани играа со човек помалку, а тоа беше голема предност за „пандевци“.

Во првиот дел мрежите беа чисти и на двете страни, иако Академија Пандев имаше неколку големи шанси, сепак немаше реализација на истите.

На стартот од вториот дел по една топката која се проби низ прилепската одбрана, голманот Тофиловски беше приморан да реагира, меѓутоа стартуваше врз противничкиот играч Ергелидѕе, па штипскиот судија Стојанче Стојанов веднаш му покажа црвен картон. Помеѓут стативите застана Дарко Котевски, кој одлично го проита ударот на Кристијан Велиновски од белата точка.

Веднаш после тоа Велиновски имаше нова шанса за гол и истата ја реализираше во предност од 1:0 за Академија Пандев. Само осум минути подоцна Димитар Трајков постигна гол за конечни 2:0.

Победа по денешниот пораз и математички ги загуби шансите за директен опстанок во Прва лига, па на останатите четири натпревари речиси невозможно ќе биде да обезбеди и бараж место, па сосема сигурно е дека прилепчани ќе имаат епизодна улога и експресно ќе заминат во Втора лига.

Македонија Ѓорче Петров со 2:1 го доби Скопје на домашен терен. Само шест минути игра беа потребни за Филип Мишевски да постигна ефектен гол од слободен удар за водство од 1:0 на „лавовите“ пред својата публика.

Во вториот дел Емир Скендери во 58. минута ја дуплираше предност за Македонија ЃП на 2:0, а Скопје во 86. минута со гол од пенал на Сеидоу Коне ги постави конечните 2:1.

Струга Трим Љум останува осамена на врвот од табелата во Првата лига, откако денес на домашен терен со 2:0 го доби дуелот со Тиквеш. Мухарем во 5. минута отвори за 1:0, а Шабани во 51. минута ги постави конечните 2:0.

Стругажани го искористија „киксот“ на Шкендија, со што ја зголемија бодовната разлика и одат сигурно кон историска титула на четири кола до крајот.