
Екипата на Крива Паланка е победник на Првата лига и нов шампион на Македонија во женска сениорска конкуренција.
Вечерва, во четвртиот натпревар од финалето на Плеј-офот, како гости славеа минимална победа против екипата на Бадел 1862 и со вкупни (3-1) ја затворија серијата која го даде новиот државен првак за натпреваруваќката сезона 2025/2026.
По одличното отворање на гостинската екипа во овој натпревар во кое во првите десет минути се стекнаа со високо водство (30:16), многумина беа оние кои веруваа дека фаворитот ја завршил работата.
И не беа во право, затоа што домашните кошаркарки, исто како на претходниот меч кој го реализираа во своја корист, не се предадоа.
Напротив, заиграа со уште поголем ангажман. До полувремето анулираа дел од негативата, намалија на -10, (32:42), а комплетно се вратија во натпреварот во текот на третиот период од финалето број 4.
По тие десет минути двете екипи ја дочекаа последната четвртина со егал резултат, на семафорот во полната сала „Независна Македонија“ стоеја четири „петки“ (55:55).
Во последната делница, Крива Паланка уште еднаш „побегна“ на солидна позитива (71:62), кога останааа неполни три минути за доигрување.
Период во кој „баделки“ внесоа нова драматика во финалната серија.
Со серија од (11-3), по тројката на Чолакоска стигнаа на минус од еден поен (73:74).
Но време за пресврт немаше, останаа само 1.7 секунди на семафорот, доволно да почне големото славење.
Крива Паланка за прв пат во својата историја на постоењето е шампион на Македонија во женска сениорска конкуренција.
Но честитките одат и на страната на Бадел 1862, екипа која во полуфиналето го елиминираше сега веќе стариот првак, екипата на Баскет кам, а во четирите натпревари од финалната серија покажаа дека тоа не било никаква случајност, напротив! (КФМ)