
Пеколно жешко беше вчера на „градски“ на прволигашкиот натпревар Брегалница – Шкупи како на теренот, така и на единствената трибина во Штип. Вице – шампионот Шкупи беше голем „залак“ за штипските сини уште на стартот на ова првенство и оттука беше претпазливата игра и почетничките грешки кај некои актери на теренот. Првиот дел им припадна на гостите иако Брегалница опасно се закануваше преку брзите „контри“ кои за жал не беа искористени. Во вториот дел сликата се измени, играчите на Брегалница сигурно добија одлични инструкции од своето раководство и една по друга се редеа шанси пред голот на Шкупи. Придонес за тоа имаа и т.н. џокери кои донесоа свежина и поорганизирана и опасна игра. За надмоќноста на Брегалница сведочат и дури петте изведени корнери за мошне краток период во вториот дел. Сепак неефикасноста си го направи своето и затоа гледачите не успеаја да се израдуваат на почетниот гол. Кога сме кај гледачите, импресивна беше глетката на единствената трибина која по скоро двегодишна пауза беше претесна да ги прими сите оние миленици кои уживаат да гледаат фудбал.


Имаше и многу познати фудбалски фаци, спортски работници, функционери а во друштво на првите луѓе на Брегалница беше и селекторот на Македонија У – 21 Драган Канатларовски. Очигледно беше дојден да ја проследи играта на неколкумина млади играчи на Брегалница кои веќе настапуваат за оваа млада репрезентација и токму овој натпревар беше можност за Канатларовски на лице место да се увери во нивната моментална форма. Наше е да пренесеме дека голманот Денковски и Јован Манев успешно ги извршија поставените задачи а како за потсетување Македонија У – 21 ќе игра квалификации за ЕП на 2 септември во Франција а на 7 септември во Охрид против Србија. Како и да е успешен почеток на една сезона која би требало да донесе успешни настапи и добри резултати ако се има во предвид дека Брегалница веќе длабоко навлезе во 100 годишниот јубилеј од постоењето на клубот. Брегалница во второто коло ќе гостува на Скопје а веќе во третото коло на 18 август на „градски“ во Штип ќе бидеме сведетели на нов фудбалски спектакл кога во Штип ќе гостува актуелниот шампион – тимот на Шкендија од Тетово.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk