
Табелата во Првата македонска фудбалска лига не претрпе речиси никакви промени по комплетирањето на десеттото коло, но има бодовно изедначување на некои екипи.
Арсими одигра 1:1 против Тиквеш и освои бод пред домашната публика, а пак лидерот Шкендија со убедливи 1:3 славеше над Скопје во гости. Силекс се врати на победничките патеки откако со 0:3 славеше над Башкими во гости со што тимот од Кратово освои важни три бода за да фати приклучок за места кон Европа.
Брегалница пред домашната публика забележа минимален пораз од 0:1 од шампионот Вардар, а пак Струга Трим Лум во гости славеше над Шкендија Арачиново со 0:2.
На врвот од табелата останува тетовска Шкендија, вицешампионот има 23 бодови, три повеќе од Струга Трим Лум и шампионот Вардар кои го делат второто место.
Зад овие три екипи е Тиквеш кој се наоѓа на четвртото место со 17 бодови, а тимот од Кавадарци има позитивна серија резултати и цели кон „европска виза“.
Шкендија Арачиново со 14 бодови е на петтото место, а пак Силекс е на минус еден бод од дебитантот за шесто место на табелата. Брегалница го задржа седмото место со десет бодови, но сега толку бодови има и Арсими кој е осми или во бараж зоната за опстанок.
Во зоната за директно испаѓање нема промени. Башкими е претпоследен со седум бодови, а на дното е Скопје како единствен тим без триумф, а со три бода на своето конто.
Александар Ванев, М-Нет