
Дербито на колото во Втората лига се играше во Ѓорче, каде во рамки на 11-тата рунда Македонија ЃП и Брегалница одиграа директна дерби пресметка која можевте да ја следите на М Нет телевизија.
Дерби каде трите бодови беа опција и за двете екипи кои сакаат експресно враќање во Првата лига, откако лани двете екипи испаднаа од елитата.
Денес во Ѓорче, “лавовите” беа подобри со 3:0 со погодоците на Размоски за 1:0 на полувреме и Стоилов и Софијаноски за 3:0.

На М Нет Спорт имавте ексклузивна можност да го следите дуелот меѓу фаворитот Башкими и Осогово каде Башкими со 5:1 го декласираше тимот од Кочани.
Хамза Меметриза и Хусеин Демири беа двојни стрелци, а еден гол постигна Аган Сулимани, за Осогово погоди Даут Даути.
Арсими на домашен терен се соочи со екипата на Детонит Плачковица од Радовиш, во дуел каде домашниот тим триумфираше со 2:1. Гафури за водство на Арсими, а Таипи за 1:1. Конечниот исход беше 2:1 со голот на Шефити.
Борец и Вардар Неготино се соочија во дерби од дното на табелата за опстанок каде гостинот славеше со 1:2.
Обадиќ постигна гол за 0:1 на полувреме за водство на тимот од Неготино. Во 87. минута Костадиновски погоди за 1:1, а Зумровски во 94. минута даде гол за конечни 1:2 и голема победа за Вардар Неготино.
Новаци и Каменица Саса денес одиграа дуел од средишниот дел на табелата и каде со голот на Мичковски Саса славеше со 0:1.
Победа и Вардарски денес имаа една цел – трите бодови, Победа на денешниот меч влезе по триумф со цел да оди нагоре на табелата, а Вардарски го бараше првиот триумф како второлигаш, исходот беше 6:2.
Гостинот од Богданци преку Стојков и Миленковиќ имаше 0:2, а потоа Победа преку двата гола на Јошески и четирите гола на Талески дојде до конечни 6:2.
Во Струмица се одигра дерби меѓу Беласица и Кожуф без голови и без победник (0:0).
На „Билјанини Извори“ Охрид кој е во страшно силна форма се соочи со Скопје, а денес исходот беше 1:1. Жоглев погоди за 0:1, а во судиското надополнување Каба ги постави конечните 1:1.
Александар Ванев, М-Нет