Брегалница во понеделник ги „пали моторите“ – штипјани со цел за Прва лига!

Второлигашот Брегалница во понеделник ќе ги започне зимските подготовки за вториот дел од сезоната со првата прозивка на искусниот стратег Влатко Костов на Градскиот стадион во Штип.

„Сините“ ќе ги започна подготовките за пролетниот дел во кој ќе водат трка за првата позиција која води директно кон Прва лига, или пак да бидат втори односно трети – а овие позиции водат кон бараж за можен влез во елитата.

Во следните денови се очекуваат и официјални информации околу ростерот односно дали ќе има засилувања и на кои позиции и дали ќе има заминувања од тимот.

Летните подготовки Брегалница многу доцна ги започна и тоа до некаде беше предизвик за Костов и неговите момци да се постигне потребната форма, но сега, подготовките ќе бидат започнати на време и ќе има простор и за повеќе пријателски натпревари преку кои ќе се проверува формата, а околу противниците и датумите кога ќе се одиграат контролните средби ќе биде познато веќе од понеделник.

Брегалница есенскиот дел го заврши на третото место со 33 бодови, три помалку од есенскиот шампион Охрид кој има 36 бодови, а пак Шкендија Арачиново финизираше на второто место со 35 бодови.

Многу веројатно е дека тимот ќе биде сочуван и надополнет со некое засилување по примерот на Охрид, како и Шкендија Арачиново, но останува тоа да се види веќе од понедленик кога Брегалница ќе ги започне подготовките.

Во есенскиот дел Брегалница имаше десет победи, три ремија и два порази од Беласица и Осогово на домашен терен, а притоа тимот од Штип ја има најдобрата одбрана со девет примени погодоци и еден од најефикасниот напад со 31 постигнат гол.

Брегалница пролетниот дел ќе го започне со гостување во Гевгелија кај тимот на Кожуф, а тоа ќе биде соочување на двата штипски стратези Влатко Костов и Иван Варадиновски, а нивното прво соочување во Штип заврши без победник, реми без голови (0:0).

Александар Ванев, М-Нет