
Овој викенд поради репрезентативната пауза натпреварите од Првата македонска фудбалска лига наместо во недела ќе се одиграат во сабота.
Деветтата рунда го носи „братското дерби“ кое се игра во Битола меѓу Пелистер и Тиквеш. После две години пауза одново прволигашко „братско дерби“ откако Пелистер се врати во елитата.
Трите бодови се императив и за двете страни, верните „Чкембари“ и „Лозари“ повеќе од сигурно ќе направат одлична атмосферата на трибите и ќе дадат максимални поддршка на нивните миленици.
Пелистер со девет бодови е на осмата позиција на табелата, а пак освојувачот на Купот, екипата на Тиквеш има шест бодови и се наоѓа на претпоследното место на табелата.
Гостивар на „Борис Трајковски“ во Маџари ќе игра дерби меч со новајлијата Беса од Добри Дол, соочување каде силен императив ќе бидат трите бодови. Дерби и за престиж и за три бодови. Гостивар останува и понатаму непоразен и се наоѓа на второто место со 16 бодови, а пак Беса е деветта со осум бодови и сака три бодови за да избие кон средината од табелата.
Шкупи сака триумф бидејќи на последните пет меча има само еден триумф, два порази и две ремија, а на домашен терен ќе се соочи со Брера Струмица која започна да игра одлично и се проби до шесттото место со 11 бодови.
Во кратово ќе се соочат Силекс кој во новата сезона ги напаѓа местата за Европа, против Шкендија која сака титула. Кратовци имаат 13 бодови и се на четвртото место, со три бода против гостинот од Тетово може да имаат прогрес и од второто место. Теренот во Кратово е тежок за освојување на бодови, а тоа одлично го знае Шкендија која е на врвот од табелата со 17 бодови и доколку оди според планот за освојување на трите пред репрезентативната пауза ќе остане лидер, прашање само со колку бодови разлика во однос на второто место.
Деветтата рунда од елитата го носи и соочување на најтрофејниот Вардар против шампионот Струга. Две екипи кои влегоа во резултатска криза. Вардар запиша два порази едно по друго, но последниот беше голем од Шкендија во Тетово од 4:0, а пак Струга на последни пет меча само еднаш победи, три пати ремизираше еднаш загуби.
Двете екипи како опција ги гледаат само трите бодови, а тоа ќе понуди одличен меч во Скопје.
На „Билјанини Извори“ во Охрид ќе се соочат Воска Спорт и непоразениот Работнички, трите бодови се повеќе од потребни и за двете екипи. Охриѓани со трите бодови може да излезат од опасната зона, но тие три бодови ќе им бидат важни во борбата за опстанок. „Романтичарите“ сакаат да останат непоразени, сакаат три бодови, сакаа излез во Европа, но сакаат и титула за која чекаат од сезона 2013/2014.
Натпреварите од 9. коло на Првата лига се играат во сабота од 14 часот.
Александар Ванев, М-Нет