Бранко од спанчево 13 години е во инвалидска количка, до неговата куќа не оди возило, патот е во лоша состојба

Прашина и дупки кога времето е суво, но кал и вода кога врне дожд и снег – вака 53 годишниот Бранко Јаневски од село Спанчево ќе го опише патот пред неговата куќа. Тој е инвалид веќе 13 години, човек во инвалидска количка, кој често треба да оди на доктор. Но, вели до неговата куќа не доаѓа никакво возило, ниту такси, ретко Брза помош бидејќи патот е во катастрофална состојба. Дециден дека овде во селото може да се движат само трактори. Причина за ова е улицата која на дожд и снег се претвора во река. Иако реагирал многупати до надлежните во Општина Чешиново Облешево сепак вели решение на виделина се уште нема, па мака мачи кога треба да излезе од дома и до отиде на лекар, без разлика дали во Кочани, Штип или Скопје.

„Никаква кола не доаѓа, ниту такси, доаѓа само Брзата помош бидејќи имам пријатели. Такси не доаѓа бидејќи секој знае каков е патот – катастрофа. Морам да излезам од Спанчево, а немам услови, немам пат. На дожд, снег не доаѓа кола никаква, и да е суво не доаѓа, патот е лош, минуваат само трактори.“ -вели Јаневски.

Јаневски живее заедно со неговата сопруга и нивното дете. Тоа оди на училиште и минува низ истите проблеми. Со чизми по каливиот пат за да може да пристигне на училиште. Секојдневието вака е премногу тешко, ќе каже Јаневски. Бараат надлежните во Општина Чешиново Облешево да преземат соодветни активности и конечно да се реши проблемот со патот кој е во катастрофална состојба.

„И детето го има истиот проблем, од октомври облече чизми во март ги соблече. Сабајле кога тргнува на училиште виришта вода.“ – додава Јаневски.

За посочениот проблем, М-Нет телевизија побара одговор и од Општина Чешиново – Облешево, кога ќе биде реконструиран овој селски пат. Градоначалникот, Јорданче Костадинов посочи дека е запознаен со проблемот и дека се работи на негово решавање. Во тек е изработка на проект за овој пат и се очекува во текот на оваа година истиот да биде завршен.

Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет