
Експропријација на земјиштето кај браната во Општина Штип сеуште нема, истакнуваат од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип, додавајќи дека очигледно истата нема да успее да се изгради. Причина за ова од опозициската ВМРО ДПМНЕ велат дека е непостоењето на градежни активности на теренот каде што треба да се изгради браната. „Заканувачките изјави на сегашниот Министер за транспорт и врски во врска со неспроведената експропријација на земјиштето каде минува автопатот Кичево – Охрид, очигледно имале краток рок на траење. Сега, Бочварски зборува за нереално и идно уредување на имотно-правните односи на парцелите кои влегуваат во територијата на браната на река Отиња, без овој пат да спомене за кривична одговорност на високите функционери. Меѓутоа, знаејќи го нивото на неспособност кое бладее во првиот ешалон на СДС, не е чудно што се уште нема експропријација на земјиштето кај браната. Истата очигледно нема да успее да се изгради, а доказ за тоа е непостоењето на градежна активност на теренот каде високи функционери со бели кошули пред некој ден направија помпезна прес – конференција“ истакна Љубе Здравков.
Според Ок на ВМРО ДПМНЕ Штип предизборната манипулација на партијата на власт најверодостојно се гледа преку бранат во Штип.
Од владејачката СДСМ велат дека Опозицијата упорно негодува и неосновано критикува, затоа што не може да се помири што власта предводена од СДСМ ќе го оствари деценискиот сон на штипјани. Брана на река Отиња ќе има.
„Изградбата веќе започна и ниту една од низата негативни прес-конференции на ВМРО-ДПМНЕ нема да го спречи тоа. Постапката за изградба на браната е транспарентна и со одлуки донесени на седници на Совет на Општина Штип, во кои целосен увид имаат и советниците од ВМРО-ДПМНЕ, но и целата јавност. Нема никаков проблем. Не постои нерешен дел со експропријација кој би го спречил градењето на насипната брана. Експропријација се врши етапно, па така, додека трае градењето на браната, ќе биде извршена експропријација на земјиштето кајшто треба да се наоѓа вештачкото езеро. Сѐ е во согласност со агендата на предвидени активности.“ – додадоа од СДСМ.
Лаура Стојанова М-Нет