
Напорна работа, верба во себе и константност е рецептот за успех, вели македонскиот репрезентативец и интернационалец, штипјанецот Бојан Миовски, во интервјуто за Телевизија М-Нет. Според Миовски, кој во моментов игра за шкотски Абердин, играта за странски клуб е искуство кое не може да се стекне во македонските клубови. Во секој аспект, вели тој, Шкотската лига е на повисоко ниво, па и тренинзите се поинтензивни.
„Можеме да кажеме дека Шкотска е во десетте најдобри лиги во светот, тоа самото по себе кажува. Се вложува повеќе во фудбалот, професионално се на многу повисоко ниво, терените, инфраструктурата се на повисоко ниво, медиумски исто така, во секој аспект, што ми е чест што сум стигнал до таму и што можам да го почувствувам тоа. Во Македонија, пак, фудбалот е сѐ уште оди во таа насока, оди кон подобро, но мислам дека во текот на следните години зошто да не и македонскиот фудбал да биде на едно повисоко ниво“, вели Миовски.
Минатата година Миовски ќе ја памети по многу позитивни нешта, но и по повредата која го спречи да биде на теренот. Тој вели дека повреда не мора да значи дека спортистот ќе излезе од форма, зашто е многу важно како психички ќе го поднесеш тоа. Задоволен е од тоа како клубот го поддржал во тој период и вели дека токму поради тоа се вратил поспремен од играчите што не биле повредени.
„Имав добри моменти, но имав и полоши моменти, имав одлична сезона и на крајот се повредив, бев надвор од терените три месеци. Бев многу среќен што можев и подолг период да бидам надвор од терените. Тоа беше еден тежок период за мене, но секогаш велам дека психички доколку си стабилен, што ми е мене позитивна страна, дека ќе се избориш за сѐ во животот. Сега играм во одлична форма, така што некој да ми кажел дека ќе играм во уште подобра форма од претходно, секако дека не би му поверувал“, вели Миовски.
Истите цели Миовски си ги поставува и за 2024 година, која веќе ја започна со гол и асистенција, а за што вели дека нема подобар начин да се започне годината.
„Јас секогаш велам дека последната утакмица се памети. Никогаш не оставам на тоа да се памети што сум направил лани, новата сезона секогаш ми е цел и амбиција за секоја утакмица, секој тренинг да бидам подобар. Се надевам дека оваа година ќе ме служи здравје, што е најважно во мојот спорт, а мислам дека сѐ останато доколку веруваш во себе и доколку си работиш чесно, ќе бидеш успешен во кој било аспект“, додава Миовски.
24-годишниот македонски фудбалер, напаѓач на Абердин и на македонската репрезентација својата професионална кариера ја започна во дресот на штипска Брегалница за на 23 јуни 2022 година да стигне до шкотски Абердин, со кого има потпишано четиригодишен договор.
Погледнете го целото интервју со Бојан Миовски!
Ребека Спасова М-Нет