Бочварски: Брана на река Отиња е проект кој се гради со одлична динамика

Градежните активности за изградба на брана на река Отиња во Штип продолжуваат. Денес увид изврши Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој истакна дека е задоволен од текот на извршување на работите, бидејќи градежништвото се одржува во време на разни кризи во државата.

„До сега се завршени бетонските работи долж оската на браната. Во наредниот период предвидена е реализација на повеќе активности. Конкретно во делот на темелот ќе се работи на левиот и десниот брег, а паралелно со тоа ќе тече и изградбата на опточниот цевковод, кој се поставува врз изготвена бетонска плоча“, истакна Бочварски.

Освен брана на река Отиња, Бочварски истакна дека континиурано се работи на реконструкција на неколку улици во Штип, меѓу кои е и веќе завршената „Панче Караѓозов“. Од големо значење за граѓаните од Истокот е изградбата на втората делница од експресниот пат Штип – Кочани, делница Крупиште – Кочани.

„Би сакал да информирам дека експресниот пат Штип – Кочани се работи со одлична динамика. Неговиот прогрес на работа е околу 80% и очекуваме во текот на оваа есен да привршат градежните работи. Правиме и избор на компанија која ќе ја изведе оградата покрај река Отиња и новата ограда ќе биде од седиштето на ЈП „Исар“ до вливот на река Отиња во река Брегалница.“

Инаку, брана на река Отиња е проект кој треба да биде завршен до почетокот на 2024 година.

Лаура Стојанова М-Нет