Борис Нешовски го замени Њу Џерси со Букурешт како поддршка на македонската фудбалска репрезентација

Главниот град на Романија,Букурешт целава измината недела беше во епицентарот на европските фудбалски возбудувања. Кога се во прашање „македонските фудбалски работи“ доаѓа до невидена сплотеност на навивачите, симпатизерите кои дојдоа од најразличните светски меридијани да дадат силна подршка на нашите момци кои го истрасираа историскиот европски пласман. Невидена еуфорија, разлеани насмевки, спортска декорација зачинета со најразлични реквизити обоени во жолто – црвено го красеше Букурешт кој наликуваше на Македонија во мало. Ги имаше Македонци од сите страни на светот кои покажаа и докажаа дека љубовта кон татковината нема цена макар и на фудбалски план. Имаше најразлични безброј приказни недокажани кои заслужуваат респект и внимание да ја видат светлоста на денот, но ќе се задржиме во овој случај само на една. Чекајќи на аеродромот Никола Тесла во Белград за лет кон Амстердам, ми пријде колегата Горан Кипријановски со негов дамнешен пријател наќитен со нашите национални обележја. Нашинец кој пред 7 години заминал на печалба во Америка поточно во Њу Џерси и кој секоја погодна македонска спортска одисеја едноставно ја зграпчува, не бирајќи ја дестинацијата за да отиде и да присуствува.

Борис Нешовски си ја сака својата Македонија и самиот тој и многумината наши Македонци раштркани по сиот свет знаат што значи љубовта кон родниот крај и носталгијата кон корените.

– „Нема пари, ниту било каква финансиска премија која може да ја замени навивачката еуфорија и неизмерната љубов кон нашите спортски јунаци. Во Букурешт се дојде до невидена навивачка сплотеност, до излив на голема радост зачинета со песна во ритамот на македонскиот фолклор кој симпатично беше прифатен од домакините, романците. За мене, како и за сите мои македонци беше голема чест да се биде во оваа високо европско фудбалско елитно друштво, со самиот историски пласман успеаја нашите момци да не вратат на фудбалските карти на Европа кои толку симпатично и благопријатно делуваат во ова време на пандемиско невреме.Носам силни емотивни впечатоци за пријатниот престој, за доживеаните настани кои со зборови тешко се опишуваат, едноставно се доживуваат. Македонија ми е во срцето и не жалам ниту пари, ниту премии кога треба да се оди и да се навива било каде во светот. Бев во 1998 г. во Букурешт на мечот Романија – Македонија 4:2, во истата година бев во Загреб кога играа Хрватска – Македонија 3:2 а се работеше за квалификациски натпревари. Го следев и пријателскиот натпревар во Софија, Бугарија – Македонија 3:0 кога во македонскиот дрес настапуваше штипјанецот Ристе Милосавов. Има уште многу спортски настани на кои сум присуствувал заедно со моите другари кои остануваат трајно меморирани во мојата психа“ ни рече Борис Нешовски.

Борис Нешовски ни раскажа дека често пати на спортските настапи на македонските селекции присуствува со неговиот брат Горан кој пак има „штипска жичка“ односно неговата сопруга е штипјанка од фамилијата на Давкови. Летот на нас, македонските новинари со авионот на Air Serbia не водеше до Амстердам а нашиот пријател Борис Нешовски продолжи кон своето ново живеалиште – Њу Џерси во САД. Останува надежта и желбата да бидат се почести ваквите спортски „самити“ кога едноставно доаѓа до она најбитното македонско сплотување и каде гордо може да се чуе македонската химна и да се рзвее македонскот знаме.

Од Амстердам Специјално за Мнет ТВ – Штип, Драги Герасимов – Пушка