Борец пред бараж предизвик да се врати во Втора лига, велешката гордост се подготвува максимално!

Борец е велешка фудбалска гордост која настапуваше во Првата лига, меѓутоа пред две сезони Борец испадна од Првата лига односно во сезона 2021/2022. Минатата сезона одигра катастрофално во Втора лига и со само два бодови како „фенерџија“ се збогува и од Втората лига.

Тоа беше шок за цел Велес, за сите велешани, за сите кои го сакаат клубот, за верните навивачи, нивниот миленик да настапува во Трета лига – Југ. Помина уште една сезона, Борец во есенскиот дел се мачеше, но во пролетниот дел далеку подобро стигна до целта, да биде шампион во Трета лига – Југ и да игра бараж за влез во Втората лига.

За противник во баражот Борец го има шампионот на Трета лига – Запад екипата на Влазерими од Кичево. Тренерот на Борец, Љупчо Димитковски – Гањо верува во триумф во баражот, бара и очекува поддршка од навивачите во Битола, каде се игра баражот.

Димитковски е тренер со искуство во македонскиот фудбал, а сега неговиот тим откако ја оствари основата цел да биде шампион во Трета лига – Југ, следува нова цел, триумф во баражот, бидејќи Борец е на 90 минути да заигра по една година одново во Втората лига.

Борец има неколку искусни фудбалери на кои дефинитивно ќе се потпира како што е капитенот Кирил Ивановски, одличниот голгетер Јосиф Манасиев, Милан Чичевски, Пеце Стојанов и Александар Михајлов кои се дел од играчите со поголемо искуство во редовите на Борец.

Засилувањата во пролетниот дел и малиот ремонт во тимот резултираше со одлична пролетна полусезона, а со тоа Борец заврши на првото место во Трета лига – Југ и сега го очекува баражот за Втората лига.

Верната навивачка група „Гемиџии“ со максимална поддршка за нивниот миленик, велешани се организираат и заеднички со неколку автобуси ќе допатуваат во Битола, да бидат 12-тиот играч на Борец и ветер во грб на овој бараж меч.

Влазерими е шампион во Трета лига – Запад, екипа која и лани беше шампион и играше бараж, но загуби од Башкими од Куманово кој е веќе второлигаш. Бараж натпреварот меѓу Борец и Влазерими се игра на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, во сабота од 17 часот.

Александар Ванев, М-Нет