
Блаже Миневски е добитник на Признанието за афирмација и популаризација на ликот и делото на Ацо Шопов кое го доделува Центарот за култура „Ацо Шопов“ – Штип. По тој повод денеска се одржа промоција на избраните дела во пет тома од Миневски, а за истите зборуваа Трајче Кацаров и Марина Мијаковска. Изданието го приреди Раде Силјан, а ликовно-графичкиот дизајн е на Кристи Георгиевски.
„Денеска, во 12:00 часот, традиционално НУЦК „Ацо Шопов“ заедно со Театарот доделува признание на сите оние коишто за време на својата творечка активност посветиле творештво на афирмација и популаризација на ликот и делото на Ацо Шопов. Досега сме дале на десетина и установи и поединци. Годинава носите на ваквото признание ќе биде Блаже Миневски, романсиер. Тој е познат и како новинар, но дал и свој придонес за она што значи македонска литература, а понира и во некои историски моменти коишто ги пренесува преку своите статии“, вели Трајче Кацаров од НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.
Промоцијата се одржува по повод 20 април, денот кога починал Ацо Шопов, но е во рамки на програмата за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на поетот, која се реализира во текот на целата година.
„Затоа ние имаме и програма којашто преку целата година ќе биде посветена на ликот и делото на Шопов. Всушност, преку програмски активности ние ќе се навраќаме на неговите моменти, особено на неговата литература, неговиот лик и сè она што Ацо Шопов бил за време на своето живеење и она што го оставил по неговата смрт за нас претставува огромна чест да го чествуваме неговото име и нашата институција да го носи неговото име. Нели, Домот на културата заедно со Театарот го носи името на Ацо Шопов“, додава Кацаров.
Издавачкиот проект е реализиран во рамки на јубилејот – триесет години од основањето „Матица македонска“ од Скопје, а на промоцијата беа достапни и избрани наслови со попуст и по саемски цени на Клуб Матица.
Ребека Спасова М-Нет