Битиќи: Компаниите се неетички и ги зголемуваат цените, потребни се засилени инспекции

Компаниите се однесуваат неетички и тоа епричина што во Европа цените се зголемени за 11%, а кај нас за 46%, смета вицепремиерот, Фатмир Битиќи. Тој вели дека разбира оти бизнис секторот работи за профит, но потенцира дека покрај профит постои и етика и морал. Тој вели оти ќе се обидат да докажат дали има евентуално договарање меѓу компаниите за зголемувањето на цените.

„Ако ги видите зголемените цени заради инфлацијата на светските берзи, тие се помали отколку во Македонија, нешто се случува. Не може нашата земја да е уникатна, изолиран остров кога е составен дел од цела Европа. Земете ги берзанските цени во Европска Унија и ќе го видите индексот на промената на цени во одреден временски период. Ви велам, тоа е една четвртина помалку отколку што е тука. Ако храната во ЕУ е зголемена за 11%, овде е за 46%. Извинете, ама тоа не е етички“, рече Битиќи.

Според него, неопходно е зголемување на инспекциските служби, кои треба да се зајакнат со професионалци што ќе бидат цело време на терен и ќе го следат однесувањето на компаниите, банките и во сите сегменти на општеството.

„Во кризно време не е компанијата таа којашто треба да биде една од причините за кризата да биде уште поголема. Повикот вчера беше јасен, отидов во Комисијата за заштита на конкурентност, разговарав со нив за да покренат иницијативи во неколку сектори за да видат дали евентуално може да докажеме дека има договарање за тоа што се случува“, вели Битиќи.

Битиќи дополни дека многу често се зборува за можности на младите, а од друга страна се соочуваме со секакви неетички однесувања на кој било и затоа се поставува прашање како да се убедат дека се креираат нови можности.

Ребека Спасова М-Нет