Бесплатен паркинг и бесплатен градски превоз во сабота за Пастрмалијадата за сите во Штип

За овогодинешното издание на манифестацијата Пастрмалијада активно се вклучува и ЈП „Стипион“. Ќе се организира бесплатен паркинг простор на повеќе локации во градот за сите посетители. Ќе бидат поставени и редари со цел да им помогнат на посетителите да се паркираат. ОД ЈП Стипион ги замолуваат сите присутни да ги следат насоките од редарите, за да не се создаваат непотребни гужви.

„ЈП Стипион зема активно учество со преземање на голем дел од обврските околу организацијата на пастрмалијадата.“ – вели Стефановски.

Дополнително обезбеден е и бесплатен градски превоз за сите посетители. Гостите од страна ќе имаат можност да се паркираат и во приградските штипски населби, Три Чешми, Баби, Чардаклија, Ново Село, од каде ќе има автобуси кои ќе возат до центарот на градот. Исто така автобуси ќе има и од Општина Карбинци.

„Исто така ЈП Стипион обезбеди беспалтен градски превоз кој ќе функционира во саботната вечер. Целта е сите посетители од страна да ги презема од подалечните дестинации и да ги превезува конкретно до позиции поблиску до настанот.“ – додава Стефановски.

Линиите се достапни и на фејсбук страницата на ЈП Стипион. Од претпријатието ги замолија сите корисници на јавниот превоз да имаат разбирање, бидејќи се очекува да има поголема гужва.

За Пастрмалијадата ќе бидат затворени дел од улиците околу градскиот стадион во Штип, односно ќе има изменет сообраќаен режим.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет