Бесплатен влез во штипскиот музеј по повод Денот на независноста – 8 Септември

По повод Денот на независноста – 8 Септември, вратите за посетителите ги отвори и штипскиот Завод и музеј. Сите заинтересирани посетители денеска можат со бесплатен влез да ги видат поставките кои се во Музејот во центарот на градот, но и останатите поставки кои се во рамки на Националната установа.

„По повод Денот на независноста – 8 Септември, НУ Завод и музеј – Штип ширум ги отвори вратите од своите поставки, така што денеска е отворена поставката во Ново Село, односно Музејот на револуционерната борба, отворен е Градскиот музеј, каде што може да се посети археолошката, историската и етнолошката поставка, отворена е Уметничката галерија „Безистен“ и, се разбира, археолошкиот локалитет Баргала“, вели Митко Штерјов, директор на НУ Завод и музеј – Штип.

Директорот Штерјов вели дека се прилично задоволни од посетеноста, но се надеваат дека ќе се зголеми во текот на денот. Посочи дека на локалитетот Баргала се изведуваат градежни работи во рамки на проектот за осветлување и оградување, но дека тоа не е пречка граѓаните да го посетат.

„Убав е денот, посетителите слободно може да прошетаат и да ги видат и градежните работи со коишто сме при крај со што археолошкиот локалитет Баргала ќе може да го добие својот нов лик. Уште од раните утрински часови можам да кажам дека имавме неколку посетители, иако е тоа скромно, но се надевам дека во текот на денот сите оние граѓани кои се заинтересирани, бидејќи се известени и знаат дека ќе можат да ги посетат сите овие наши вредности, ќе дојдат и ќе ги видат во најдобро светло“, додава Штерјов.

Инаку, во рамки на програмата „Отворен ден за граѓаните“, а под мотото „Гласник на слободата“ за посета со бесплатен влез се отворени повеќе културни установи, музеи и галерии и археолошки локалитети. Меѓу нив се и археолошките локалитети Стоби и Хераклеја, Мегалитската опсерваторија „Кокино“, „Куќата на Робевци“ во Охрид, Спомен-куќата на Тоше Проевски во Крушево и други.

Ребека Спасова М-Нет