
Втората рунда од Втората македонска фудбалска лига донесе интересни резултати и возбудливи натпревари.
Гледачите на телевизија М Нет имаа ексклузивна можност преку директни преноси да проследат два натпревари.
Во првиот меч кој одеше во живо на телевизија М Нет, Вардар среде Неготино го запиша вториот сезонски пораз, откако со 1:2 загуби од Кожуф, кој прокнижи нови три бодови.
Повратникот во Втората лига загуби во финишот од мечот, откако грешката во одбраната ја искористи гостинот од Гевгелија за втор гол.
Кожуф ја продолжи одличната игра од воведното коло и прв стигна до водство со голот на Бојан Иванов во 36. минута, со што на полувреме резултатот беше 0:1. Во вториот дел Вардар се обидуваше да стигне до брз гол, но истиот беше постигнат дури во 81. минута откако од слободен удар Дарко Алексовски ја стресе противничката мрежа за 1:1. Сепак, само седум минути подоцна се случи шок за домашниот тим и домашната публика, грешката во одбраната на Вардар ја казни Ќире Митков кој во 88. минута биеше и погоди за конечни 1:2.
Гледачите на телевизија М Нет преку спортскиот канал во живо го следеа и мечот меѓу Башкими и Победа, натпревар кој заврши со триумф од 2:1 за некогашниот освојувач на Купот на Македонија.

Башкими преку Бесим Мустафи уште во 10. минута дојде до водство до 1:0, а преку Егзон Азири во 60. минута ја дуплираше предноста на 2:0. Ланскиот прволигаш сакаше брз гол за да се врати во игра барем за бод на тешкото гостување во Куманово.
Беким Алимоски во 78. минута стрелаше и намали на 2:1, но тоа беше само конечен и ублажен резултат, бидејќи домаќинот до крајот не дозволи изненадување.
Арсими со 4:0 на домашен терен ја торпедираше Каменица Саса, која дома си оди со убедлив пораз од тешкото гостување. Домашниот тим предводен од Вилдан Салиу во 17. минута го отвори резултат за 1:0 со голот на Ајрадин Цуцули. Во вториот дел Саса комплетно беше срушена, откако Енсар Љума погоди за 2:0, а пак Христијан Митревски си постигна автогол за 3:0, па „рударите“ беа пред голем пораз.
Во 86. минута Љума со втор гол стави печат на прва и висока победа за Арсими, а пак Саса дома си оди со висок пораз.
Локалното дерби меѓу Пелистер и Новаци заврши со висока и убедлива победа од 4:0 за фаворитот за Првата лига. Битолчани на полувреме имаа два гола предност со головите на СПиркоски и Талевски, а во вториот дел Грозданоски и Здравевски ја заверија убедливата победа од 4:0.
„Црвениот аларм“ во Тетово го даде резултатот, новиот тренер Филип Деспотовски дебитираше со триумф од 2:1 над Осогово од Кочани.
Двете екипи кои се судрија во баражот за Втора лига, сега одново се соочија, но сега резултатот беше поинаков. Драган Паунов во 7. минута обезбеди предност за „жетварите“ од 0:1, а на десет минути пред крајот Давид Спасовски постигна гол за 1:1.
Во вториот дел „штофарите“ направија комплетен пресврт со голот на Никола Ристески во 59. минута, а воедно резултатот од 2:1 стана и конечен.
Тетекс ја запиша првата победа, по катастрофалниот пораз во првото коло, а Осогово дома се враќа со втор пораз.
Фаворитот за Прва лига екипата на Беса лесно и со 2:0 славеше над струмичка Беласица. Џемаил Есати уште во 7. минута погоди за 1:0, а на стартот од второто полувреме новото засилување искусниот Изаир Емини погоди за конечни 2:0.
Утре на програмата е натпреварот меѓу Скопје и Детонит Плачковица кој се игра во Автокоманда на „Железарница“, а гледачите на телевизија М Нет ќе имаат ексклузивна можност да го проследат овој меч во живо, додека пак „езерското дерби“ меѓу Охрид и Караорман е одложено за 30. август.
