Беса е пред официјална промоција во Прва лига, кои екипи ќе испаднат од Втора лига?

На шест кола до крајот од Втората македонска фудбалска лига екипа на Беса е пред официјална промоција во Прва лига, што ќе биде историски успех за второлигашот од Добри Дол.

Екипата на Александар Таневски е на врвот од табелата со 63 бодови или 14 повеќе од Детонит Плачковица од Радовиш, кој е трет со 49 бодови. Тоа значи дека Беса веќе за две кола може да биде и официјално прволигаш, а потоа ќе остане само да се потврди првото место каде конкурент за истото е битолски Пелистер.

Радовишани со осум бодови залиха на шест кола до крајот се подготвуваат за баражот во обид да испишат историја, пласирајќи се за првпат во фудбалската елита на Македонија.

Меѓутоа на долниот дел од табелата или кога е во прашање опстанокот дури шест екипи ќе се борат да го сочуваат второлигашкиот статут.

Караорман е најблиску до испаѓање во Трета лига – Југозапад. Стружани се на дното од табелата со 15 бодови и во длабока резултатска криза од пет порази на последните пет меча. Каменица Саса во пролетниот дел се разбуди и сериозно влегува во игра и за директен опстанок во Втората лига. „Рударите“ од Македонска Каменица се претпоследно со 18 бодови.

Во бараж зоната со 20 бодови е Осогово од Кочани, екипа која лани настапуваше во Трета лига – Исток, експресно се врати во Втората лига, но може експресно да се спакува за во Трета лига – Исток одново.

„Жетварите“ загубија од Саса што е нивен директен конкурент, а веќе овој викенд во Гевгелија немаат право на грешка против Кожуф.

Ланскиот прволигаш Победа игра важен меч против Караорман во Струга во борбата за опстанок. Младите фудбалери на Победа се оставени сами на себе, но храбро и со срце на терен ја водат тешката борба за опстанок.

Тетекс е во друштвото на екипи кои мака мачат да се изборат за опстанок. „Штофарите“ од Тетово се на 12-тото место со 24 бодови, а веќе овој викенд пред нив е тешко гостување во Автокоманда кај ланскиот прволигаш Скопје, каде ќе ги бараат трите бодови, со цел да не се спуштат место подолу на табелата и да водат уште потешка борба за опстанок.

Новаци е последната екипа која е сериозно загрозена за опстанокот. Повратникот во Втората лига во есенскиот дел беше изненадување, но во пролетниот дел Новаци се уште е во зимски сон и не собира бодови за опстанок. На последните 5 натпревари Новаци од можни 15 бодови собра само два бодови и сериозно го загрозува опстанокот.

Ќе биде тешка борба за бодовите на овие шест кола до крајот.

Александар Ванев, М-Нет