
Денес започна новата сезона од Втората македонска фудбалска лига со натпреварите од 1. коло. И во новата сезона продолжува соработката меѓу ФФМ и телевизија М Нет за пренос на натпреварите од вториот по ранг македоски фудбал.
Гледачите на М Нет имаа ексклузивна можност да проследат два натпревари од 1. коло.
На М Нет во живо одеше соочувањето меѓу фаворитот Детонит Плачковица и повратникот Вардар Неготино, во меч каде радовишани потешко од очекуваното забележаа триумф од минимални 1:0.
Во одличен меч и одлична атмосфера четата на Варадиновски ги грабна трите бодови на патот кон местата за ПМФЛ.
Стелец во Радовиш за три бода на Детонит Плачковица беше Иван Настевски.
На М Нет спорт гледачите имаа можност да го следат соочувањето на некогашниот Куп освојувач Башкими кој по една деценија се врати во ВМФЛ и Охрид, во меч каде домашниот забележа минимална победа од 1:0 со голот на Ељмедин Ќаили постигнат во финишот од мечот.
Главниот фаворит за Прва лига, екипата на Беса среде Кочани го “сомле” Осогово со убедливи 0:4 среде Кочани и со убедлив пораз му посака добредојде во ВМФЛ.
Беса беше повеќе од сигурен фаворит денес, а до победата стигна со двата гола на Меметриза Хамза и погодоците на Фитон Адеми и Зани Назифи.
Ланскиот прволигаш Победа со 5:1 го декласираше Тетекс и во Тетово го испрати со полна мрежа.
Прилепчани одиграа квалитетен и одличен меч и до врв ја наполнија мрежата на “штофарите”. Димоски и Грозданоски погодија за 2:0, а Софијаноски намали на 2:1 на полувреме.
Во вториот дел Наумоски, Петејчук и Спиркоски ја искинаа мрежата на Тетекс за конечни 5:1.
Соочувањето во Струмица на некогашните прволигаши заврши со триумф за Пелистер од 0:2 над Беласица.
Битолчани предводени од Костов дома си одат со три бода со головите на Љамчевски и Спиркоски.
Повратникот Новаци направи изненадување откако со 2:0 славеше над Арсими со головите на Стефан Јовановски и Димитар Јовановски.

1:1 е конечниот исход меѓу Саса и ланскиот прволигаш Скопје. “Пиратите” го отворија резултатот преку Ѓорѓиевски во 2. минута, а “рударите” со голот на Петровски во 30. минута ги постави конечните 1:1.
Кожуф со 3:0 го декласираше Караорман на домашен терен со головите на Даниел Иванов и Бојан Иванов во првиот дел, како и голот на Ќире Митков кој погоди во второто полувреме.

