Беласица ја освои Виница, Гостивар прв го „сруши“ Вардар, Воска го презеде врвот

Денес беа одиграни натпреварите од 9. коло од Втората македонска фудбалска лига.Гледачите на телевизија М Нет го следеа во живо дуелот меѓу Слога и Беласица, кој се играше на Градскиот стадион во Виница, а кој заврши со триумф за струмичани (1:2). Први до водство стигнаа домаќините со голот на Октај Амедов во 44. минута од мечот. Во вториот дел Беласица направи пресврт, откако најпрво Александар Коцев во 77. минута израмни на 1:1, а пак Александар Милушев направи пресврт за конечни 1:2. Струмичката гордост запиша многу важен триумф за прогрес на табелата.Дербито на колото го играа кандидатите за Прва лига, Гостивар со 1:0 го доби Вардар, кој по првиот сезонски пораз го загуби лидерското место на табелата. Стрелец на победничкиот гол беше Каланоски, кој погоди во 16. минута од мечот. Сега, нов лидер е непоразената Воска Спорт, која со убедливи 4:0 го декласираше Тетекс.Пелистер прокнижи три бода, откако во Велес со 0:4 славеше над Борец, додека пак Детонит Плачковица ремизираше 1:1 на гостувањето во Струга со Караорман.Охрид стигна до четврта победа во низа, откако со 0:1 славеше на гостувањето кај Локомотива, Беса со 3:0 го доби Кожуф, новиот тренер на гевгеличани со пораз дебитираше на клупата. Саса запиша важен триумф од 1:0 над Арсими.Нов лидер на табелата е екипата на Воска Спорт со 23 бода, пред Вардар со 22 и Гостивар со 21 бод.