
Ниту една пријава не пристигнала до ЈП „Исар“ изминатиот викенд за замрзнување на водомери. Истовремено, нема пријави за дефекти на водоводната линија или мрежа во Штип, што значи граѓаните и надлежните добро се подготвиле за ниските температури и студеното време. Директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, со порака – да се продолжи со заштита на водомерите за да нема дополнителни штети кај граѓаните, додавајќи дека цевките на претпријатието се добро заштитени.
„Иако овој изминат викенд имаше многу ниски температури, во инфо – центарот на јавното претпријатие за среќа нема пријава на некој поголеми дефекти, пукање на линии, индивидуални приклучоци или, пак, водомери. Значи, граѓаните си ја имаат завршено својата работа, ги обезбедиле своите водомери, така што се надевам дека во овој период со минусни температури ќе имаме сѐ помалку пријави за такви дефекти. Сепак, и доколку се случат, ние сме подготвени и ќе реагираме. Водоводните цевки на ЈП „Исар“ се на пропишана длабочина, каде што ниските температури не можат многу да влијаат. Ние во наредниот период имаме предвидено кај застарените водоводни линии да извршиме замена, така што и новите цевки ќе бидат од материјал врз кој ниските зимски температури нема да предизвикаат проблеми и нема да има можност за нивно пукање“, истакна Здравков.
Освен опасност од пукање на цевките и замрзнување на водомерите, ниските температури ги стопираа и еко – викенд акциите на ЈП „Исар“ во расчистување на мини дивите депонии на повеќе локации во градот. Здравков децидно одговори дека нема да се чека пролет за тие повторно да започнат со работа, туку едноставно само малку да се покачат дневните темепратури.
„Кога малку ќе се покачат температурите и ќе немаме минусни температури, ќе продолжиме. Тогаш ќе може нашата механизација да работи. Не напролет, туку за 10 – 15 дена ние повторно ќе продолжиме. Во моментов ги таргетираме мини депониите, а во консултација сме и со комуналните инспектори при Општина Штип. Ќе продолжиме со еколошките акции, а и граѓаните ќе бидат повикани да даваат свои идеи и предлози за тоа каде треба да исчистиме“, додаде Здравков.
Во моментот се работи на поставување на табли на местата над Мирјанина црква во Штип, а како што најави Здравков ќе се постават патролни служби кои ќе внимаваат да не се создаваат повторно депонии кои се чистат и по неколкупати.
Лаура Стојанова М-Нет