Башкими сака пласман во Прва лига: Промовирани квалитетни засилувања, претставени и млади играчи!

Второлигашот Башкими од Куманово во новата сезона влегува со цел да се избори за пласман во Првата македонска фудбалска лига.

Амбициите на Башкими за новата сезона се големи, а за таа цел покрај одличниот стадион кој е во перфектна состојба и кој исполнува услови за Прва лига, Башкими промовираше неколку квалитетни играчи, а дополнително претстави и млади играчи, кои добиваат шанса во Башкими настапувајќи за сениорскиот тим.

Башкими најпрво го сочува ростерот од минатата сезона, а потоа го засили со Ардит Демири од Арсими и Борјан Пановски од Пелистер за што информираше телевизија М Нет, а беа промовирани и Мухарем Мислими од Тетекс и Меметриза Хамза од Беса од Добри Дол, како и голманот Баки Алиу од Шкупи.

Башкими ги промовираше и младите Арлинд Хасани, Енсар Саити, Аган Сулејмани, Адис Мурати, Фуркан Хида и Хамза Мемети од младинските погони на Куманова Милано.

Во својата историја Башкими во сезона 2004/2005 го освои Купот на Македонија, откако во големото финале на Градскиот стадион во Скопје пред околу 10.000 гледачи Башкими со 2:1 славеше над Маџари Солидарност и со тоа обезбеди „виза“ за излез во Европа, а во својата историја има настапувано и во Првата лига.

Во првото коло од новата сезона во Втората лига екипата на Башкими ќе стартува со гостување во Велес кај повратникот Борец.

Александар Ванев, М-Нет