
Македонските прволигаши покрај проверките во рамките на зимските подготовки за тоа како оди подигањето на формата, ги засилуваат и ростерите за остварување на своите цели во пролетниот дел.
Дефинитивно ќе има пролетна полусезона во која ќе гледаме голема борба за секој бод на секој натпревар, бидејќи поради кратењето на Прва лига од 12 на десет екипи, испаѓаат последните три, а пак деветтопласираната и осмопласираната екипа играат бараж за опстанок.
Меѓу прволигаши кој ќе има најтешка борба за опстанок е Работнички, а во тој дел тимот од Дебар Маало работи сериозно околу засилувања и подигањето на квалитетот. Работнички е посилен за искусниот Егзон Белица кој се враќа во добро позната средина. 35-годишниот дефанзивец треба да донесе квалитет во моменти кога Работнички има тежок предизвик за опстанок во Прва лига.
Белица се раздели со Шкендија и се враќа во Работнички каде во минатото беше и капитен на Работнички, се работи за фудбалер кој има богата меѓународна кариера со настапи за екипи од Косово, Албанија, Финска, Летонија и Романија, а во македонскиот фудбал настапуваше покрај за Работнички и Шкендија и за екипата на Охрид.
Прволигашот Брера Струмица го одигра својот втор контролен натпревар, а прв во Грција против Ксансти. Контролниот меч заврши без победник, а беа постигнати два гола за конечни 1:1. Стрелец за струмичкиот прволигаш беше Стојанов кој погоди во 36. минута од средбата.
Прволигашот Башкими од Куманово главната фаза од зимските подготовки ќе ја реализира во Медулин, Хрватска каде тимот на тренерот Блаже Јанакиевски ќе одира и четири пријателски натпревари.
Првиот контролен натревар Башкими го игра на 25 јануари против Рудар Превља, на 27 јануари ќе има тест со Радник Бијељина, а ден подоцна тест со Искра Бариќ. Последниот тест на Башкими во Хрватска ќе биде против Хрваце закажан за 30 јануари.
Потоа, Башкими се враќа во Македонија каде ќе ги доработи подготовки пред стартот на пролетниот дел во Првата лига.
Прволигашот Тиквеш кој е на подготовки во Анталија договори три контролни средби низ кој ќе може шефот на стручниот штаб Борче Христов да ја провери формата.
Првиот пријателски меч на турско тло Тиквеш ќе го одигра против Славија Софија од Бугарија, закажан за 24 јануари. Три дена подоцна Тиквеш ќе се тестира против Токтогул од Киргистан, а пак на 30 јануари македонскиот прволигаш од Кавадарци ќе ја провери формата со Кизилкум од Узбекистан.
Потоа тимот се враќа во Македонија каде ќе ги доработи подготовки пред стартот на пролетниот дел кој е закажан за 7 февруари.
Александар Ванев, М-Нет